За време на сириската граѓанска војна во 2014 година, Исламска држава (ИД), наводно, успеала под своја контрола да преземе локација во сириската пустина, која некогаш била објект за развивање на нуклеарно оружје, пренесува „Њузвик“. Таа постројка била изградена за Сиријците со помош на Северна Кореја. Во случај реакторот да се наоѓал на таа локација, ИД можеби ќе имаше пристап до нуклеарно оржје, со можност да предизвика нуклеарна војна со сериозни последици, според кажувањата на американскиот политичар Њут Гингриџ.
Според неговите информации, седум години претходно, во септември 2007 година, Израел спроведе таен воздушен напад врз оваа локација, Деир ес-Зоир, во сириската пустина.
Главниот и одговорен уредник на „Ерусалим пост“, Јаков Катц, вложи многу години за ги спои сите парчиња од приказната, и тоа од израелска, американска, сириска и севернокорејска страна. Неговата книга, „Напад од сенка: Во израелската тајна мисија за да го елиминира сирискиот нуклеарен реактор“ е една од најневеројатните реални приказни во поново време.
Без наводниот израелски напад и уништувањето на локацијата на овој сириско-севернокорејски проект, светот веројатно ќе мораше да се соочи со огромна закана за безбедноста и ИД која ќе беше вооружена со нуклеарно оружје.
Сценариото за тоа како Израелците ја откриле оваа тајна локација, каде што заклучиле дека има нуклеарен реактор, како ги поврзале Севернокорејците со проектот, и одлучиле да го уништат, е приказна како од најдобрите шпионски трилери.