Конфликтот во Тиграј е најголемиот тест за власта на Абиј Ахмед и се заканува да се рашири во соседните држави
Автори: Дејвид Пилинг од Лондон и Андрес Шипани од Гондар, Етиопија
Фајненшл тајмс
Гашо Које, четириесет и двегодишниот земјоделец од Амхара, облечен во нова војничка униформа, ја запозна сопругата во соседниот регион Тиграј пред повеќе од две децении. Сега, како дел од армијата на етиопскиот премиер Абиј Ахмед, тој се подготвува да се бори против регионалната влада на Тиграј. Доволно лошо е што Гашо мора да се бори против жителите на поранешната северна татковина на неговата сопруга, но уште полошо е што меѓу војниците кои се борат во Народно-ослободителниот фронт на Тиграј (НОФТ) е нивниот дваесет и едногодишен син Амануел. Меѓу регионите Амхара и Тиграј одамна постои нетрпеливост поради територијалните спорови по должина на нивната заедничка граница. Нетрпеливоста прерасна во поширок државен конфликт во Етиопија, во која живеат 110 милиони луѓе на Рогот на Африка.
– Морам да се борам против терористите од НОФТ за доброто на Етиопија. Ова значи дека сум принуден да се борам против мојот син – вели Гашо, мислејќи на регионалната партија која ја води државата речиси три децении, но сега некои ја сметаат за одметната.
Тој зборуваше дека десетици припадници за територијална одбрана како него, вооружени со автоматски пушки „калашников“, се качуваа во автобуси и камиони во градот Гондар за потоа да бидат испратени преку границата во Тиграј.
– Еве во што се претвори Етиопија, во голем политички хаос во кој татковци се борат против синови – истакна Гашо додека в раце ја држеше својата пушка.
Политичката криза која ги сврти Етиопјаните едни против други почна рано утрото на 4 ноември кога Абиј даде зелено светло за она што тој го нарече „операција за спроведување на законот“, која вклучува операции на воздушни напади и на копнените сили против НОФТ. Ова е најсериозната криза во бурниот две и пол годишен мандат на Абиј кој претходно ја доби Нобеловата награда за мир затоа што склучи мировен договор со Еритреја, и кој се соочи со обид за атентат и со државен удар. Кризата се заканува да ги осуети сите шанси за одржување на веродостојни демократски избори наредната година, што веќе беше отежнато со апсењето на високи опозициски фигури.
Се стравува дека војната во Тиграј би можела да предизвика хуманитарна криза и пошироко етничко и политичко насилство во државата која, иако е силно поделена, многумина ја сметаа за пример за економски напредок во Африка. Некои дури стравуваат дека може да се случи поделба по етнички линии во Етиопија како во случајот со СФР Југославија. Државата со историја на независни земји кои датираат од пред три милениуми е поделена на десет етнички дефинирани региони, секој со свој сопствен посебен јазик, култура и историја.
– Состојбата многу наликува на Југославија, освен тоа што Југославија се распадна. Ако ги забележите поделбите во Етиопија, не само што сама ќе се распадне, туку ќе стане црна дупка која ќе ги проголта и своите соседи – вели Пејтон Нопф, висок советник за африканската програма на американскиот мировен институт.
Како и бомбардирањето на Еритреја, веќе постојат знаци дека конфликтот, кој трае две недели, ќе се одрази регионално. Најмалку 25.000 бегалци избегаа во Судан, кој е слаба држава што не може да се справи со ненадеен наплив на луѓе. Ако конфликтот продолжи во иднина, Обединетите нации предупредуваат дека десетици илјади луѓе би можеле да ја напуштат државата.
Етиопија веќе со месеци, ако не и со години, тежнее кон конфликт. Во центарот на оваа криза, една од неколкуте регионални спорови во државата, е позицијата на НОФТ во државната политика. Загубата на моќта беше шок за НОФТ, кој ја водеше државата 27 години откако имаше главна улога во отфрлањето на омразениот марксистички режим на привремениот воено-административен совет познат како Дерг во 1991 година. Иако населението од пет милиони во Тиграј сочинува само шест отсто од вкупното население на Етиопија, НОФТ стана доминантна сила во националната четирипартиска коалиција позната како Народен револуционерен демократски фронт на Етиопија.
Надежта беше дека доаѓањето на власт на Абиј ќе ги намали тензиите, особено во Оромија. На почетокот се чинеше дека добро се покажа. Пропагирајќи навидум либерална агенда, тој ослободи политички затвореници, им порача на прогонетите да се вратат во земјата и склучи мир со Еритреја. Државите водеа жестока војна меѓу 1998 и 2000 година. Но Абиј исто така ги протера Тигрињите од владата и од безбедносните служби и го предводеше сузбивањето на корупцијата, за што членовите на старата гарда на НОФТ сметаа дека е кампања наменета против нив. Иако тој беше дел од стариот режим, тој ја нарече ерата на НОФТ „27-годишен мрак“.
Во градот Гондар, од каде што Гашо замина за да се бори, Аба Гебремихаел, православен христијански монах, се моли за мир. Додека милициите, специјалните сили и етиопската армија ги полнат улиците пред неговата камена црква од 17-тиот век, тој со својот стап покажа на една фреска на ѓаволот исцртана во прекрасниот фрескоживопис на црквата.
– Војната е зло во кое брат се бори против брат, татко против син, а веќе доволно од ова видовме во Етиопија – вели монахот негодувајќи на можното крвопролевање.
Превод: Билјана Здравковска