Милитантната група ископува речиси половина милијарда долари годишно од авганистанската почва и сака да продолжи со ова темпо
Автори: Лин О’Донел, Мирвајс Кан
Форин полиси
Со години, неискористеното минерално богатство на Авганистан се сметаше за „Ел дорадо“ вреден илјада милијарди долари. Иако авганистанските влади никогаш не успеаја да ги преточат во пари огромните количества на бакар, железна руда, злато и скапоцени камења, талибанците го сторија тоа и дополнително ги зголемија активностите, откако почнаа мировните преговори чија цел е да ја креираат иднината за повоениот Авганистан. Во изминатите години, талибанците намерно се движеа за да обезбедат контрола во регионите на Авганистан богати со наоѓалишта на минерали од рудниците на лапис лазули во северен Бадахшан до злато, олово и цинк во Хелменд, како и огромните наоѓалишта на талк и мермер во јужен Нангархар. Талибанците, во чии раце е поголемиот дел од минералното богатство на државата, се занимаваат со понатамошен развој на секторот, за да го претворат во темел на повоената економија на државата или барем на нивната.
– Рударството е еден од водечките фактори во економскиот развој на Авганистан. Откако ќе завршат мировните преговори, тоа ќе биде од голема важност за добросостојбата и развојот на државата – порача Јакуп Шах, директорот на одделот за закуп на министерството за рудници од сенка на Талибанците.
Тој додаде дека групата во моментов заработува околу 400 милиони долари годишно од рударството, бројка која ја потврдија независни истражувачи, и која ги надминува приходите на авганистанската влада од ископувањата.
Во изминатите неколку години, талибанците сакаат да ги зголемат приходите од минералното богатство кое е под нивна контрола, како што посочија две истакнати талибански фигури, вклучувајќи и член на преговарачкиот тим на бунтовниците. Групата издава рударски лиценци, ја организира работната сила и го контролира превозот од рудниците и пристапот до патиштата, според најновиот извештај на развојната програма на САД (УНДП). Талибанските заложби да ја зголемат својата економска моќ се случуваат во период откако месецов започнаа долго одложуваните мировни преговори со авганистанската влада. Засега, преговорите се заглавени поради силната недоверба кај двете страни, односно талибанците не ја признаваат легитимноста на владата во Кабул и покажаа силна волја со зголемување на насилствата. Наспроти ваквите случувања, со тоа што талибанците се надеваат дека ќе добијат некаков договор за поделба на моќта во иднината на Авганистан, минералните богатство ѝ нудат начин на милитантната група речиси да ја достигне фискалната моќ на владата.
ЦИА проценува дека авганистанската влада инкасирала само 2,2 милијарди долари од даноци и други приходи во 2017 година. Талибанците, од своја страна, бележат нагорен тренд во заработката од 1,5 милијарди долари годишно, според тимот за аналитичка поддршка и санкции на Советот за безбедност на ООН и тоа од „наркотици, недозволени минерали и други ресурси што се искористуваат, потоа оданочување, уцени, продажба на комерцијални и владини услуги и имот, како и странски донации“. Покрај опиумот и другите наркотици, рударството се чини дека е златен извор за талибанците. Извештајот на УНДП проценува дека индустриите за искористување на ресурсите како што е рударството се всушност „вториот најголем извор на приходи по наркотиците“.
Во извештајот се наведува дека „минералите станаа составен дел од конфликтот во Авганистан, односно магнет за конфликт и извор на финансирање на истиот. Обичните Авганистанци се силно погодени од спорот околу минералните ресурси меѓу владата, талибанците и ИД-К (локалниот огранок на Исламската држава), локалните бунтовници и криминалните мрежи“. Во меѓувреме, додека бунтовниците успешно го искористуваат богатството на Авганистан, УНДП проценува дека авганистанската влада заработила само 42 милиони долари просечно, меѓу 2012 и 2018 година, од искористување на природните ресурси.
Постојат неколку причини за ова. Авганистанската влада никогаш не беше во можност да обезбеди физичка безбедност во рударските области што ги одврати повеќето меѓународни инвестиции, според извештајот на УНДП. На пример, кинеските фирми имаат права врз големото наоѓалиште на бакар во Мес Ајнак кое се наоѓа јужно од Кабул. Но работата запре пред неколку години, откако Талибанците извршија напад на локацијата. Но, авганистанската влада не се покажа многу подобро ниту во обезбедувањето на права и на финансиска заштита. Колкави и да се стравовите и омразата од талибанците, тие се сметаат за поспособни од силно корумпираната национална влада. Извештајот на УНДП истакнува како владината корупција ги обесхрабрува меѓународните рударски инвестиции и поголемото искористување на природното богатство на државата.
Превод: Билјана Здравковска