Талибанците обезбедија целосна контрола врз последниот бастион на отпор во авганистанската провинција Панџшир во северниот дел на земјата, така што воените непријателства на национално ниво завршија, изјави портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, на прес-конференцијата пренесувана во живо на телевизискиот канал за вести „Аријана њуз“.

– Војната во Авганистан заврши. Нема повеќе оправдувања. Дојде време да ја обновиме нашата земја – нагласи тој.

Според Муџахид, многубројни поранешни авганистански владини претставници, кои претходно побегнале во бунтовничката провинција, сега ја напуштиле земјата.

– Панџшир е дел од нашиот народ – и цивилите и борците. Заедно ќе ја изградиме заедничката иднина на Авганистан – изјави тој.

Во меѓувреме, Националниот фронт за отпор демантира на Твитер дека талибанците ја презеле контролата врз Панџшир.

Откога САД ги објавија плановите за повлекување на своите војници од Авганистан, талибанците почнаа голема операција за преземање контрола врз земјата. На 15 август талибанските милитанти влегоа во Кабул без да наидат на отпор, а авганистанскиот претседател Ашраф Гани се повлече и ја напушти земјата.

Оние што не сакаа да го прифатат талибанското владеење организираа движење на отпор во долината Панџшир, предводено од Ахмад Масуд, син на починатиот командант Ахмад Шах Масуд. Поранешниот потпретседател Амрула Салех го повика авганистанскиот народ да го поддржи водачот на отпорот.


Црвениот крст потврди дека не се соочува со никакви ограничувања од талибанците

Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) е во контакт со талибанците и не се соочува со никакви ограничувања во својата работа по преземањето на Кабул од страна на милитантната група, пренесува ТАСС.

– Повеќе од 1.800 работници на МКЦК остануваат во Авганистан. Долго време работевме со талибанците и имавме контакти со локалните команданти и највисокото раководство, па ја продолжуваме оваа работа. Постои разбирање за пристап до местата каде што е потребна нашата помош. Немаме никакви ограничувања за нашата работа. Единствениот проблем е можеби безбедноста, па поради судирите не можеме да добиеме пристап до одредено место – изјави Ихтијар Асланов, кој ја предводи регионалната делегација на МКЦК.

Тој посочи дека продолжуваат да им помагаат на сите луѓе во земјата кои имаат потреба.

– Сега имаме пристап низ целата земја. И нашата хуманитарна активност се прошири. Многу Авганистанци ги загубија своите домови и бараат безбедно место во земјата, на многумина им е потребна медицинска помош. Нашите колеги продолжуваат да работат во тој контекст, обезбедувајќи лекови и медицинска опрема за локалните болници во оддалечените места – нагласи Асланов.

Шефот на делегацијата на МКЦК додаде дека сега развојот на настаните во Авганистан се одвива брзо, и истакна дека кога се работи под овие услови, секогаш треба да се има на ум дека постојат опасни случаи.

– Нашите колеги работат со сите страни за да ја гарантираат безбедноста на нашите вработени – објасни Асланов.