Поранешна американска воена база во Авганистан сега е во рацете на талибанците, а иднината на замјата останува неизвесна.
Новинарката на Си-ен-ен, Клариса Ворд известуваше од базата во провинцијата Андар во Авганистан. Таа наведува дека во неа се гледаат остатоци од воени возила и друга опрема.
Талибанците тврдат дека локалните авганистански сили се предале пред три недели кога останале без храна и зад себе оставиле оружје и муниција.
Талибанците рекле дека постојано се обидувале да нападнат една база додека американската војска била во неа. Додале дека извршиле разни операции, но дека Американците имале хеликоптери и тенкови.
– Веруваме дека еден ден ќе победиме. Исламскиот закон нема да дојде само во Авганистан, туку и во целиот свет. Не брзаме никаде. Џихадот нема да престане – изјавил еден од талибанските команданти за Си -ен -ен.
Талибанскиот гувернер, Мавлевеј Камил, рекол дека денешните талибанци се разликуваат од претходните.
– Разликата помеѓу тие и овие талибанци е дека талибанците од 2001 година беа нови во сето ова. Денешните талибанци се искусни и дисциплинирани. Ги слушаме лидерите, работите се одвиваат според планот – објаснил Камил.
Талибанските борци сега користат средства што меѓународните сили ги оставиле зад себа. Ако има нешто од одредена вредност во базата, тие ќе го земат и ќе го продадат.
Кога новинарката на Си-ен-ен го прашала гувернерот за стравот дека правата на жените сега ќе бидат деградирани, тој одговорил дека исламот им дава еднакви права на сите.
– Сакаме да ги убедиме сите луѓе во светот, особено граѓаните на Авганистан, дека исламот им дава еднакви права на сите. Жените ги имаат своите права. Колку што им дава исламот права, толку и ние ќе им дадеме – рекол Камил.