Се верува дека висок командант на огранокот на Ал каеда во Идлиб, бил убиен во напад на воените сили на САД со современата „нинџа-ракета“, во близина на турско-сириската граница, во вторникот, пренесуваат светските медиуми.
Ракетата позната и како „Хелфајр“ (пеколен оган), наместо боева глава со експлозив има сет од шест сечила кои се расклопуваат со цел за предизвикување на минимална колатерална штета при ударот во целта. Се верува дека цел на ракетата бил командант на огранок на Ал каеда кој се наоѓа во провинцијата Идлиб.
Командантот, познат како Абу Ахмад ал-Мухаџир, заедно со уште едно високо воено лице на огранокот, се претпоставува дека бил убиен додека патувал со автомобил на околу 16 километри од местото каде што минатиот месец загина лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади.
Фотографиите кои циркулираат по социјалните медиуми покажуваат како предниот дел од возилото е видно оштетен, додека остатокот е во голема мера недопрен. Експертите исто така објаснуваат дека прозорците на возилото воопшто не се разнесени, како во случаите при експлозија, што посочува дека станува збор за „нинџа“ технологијата на ракетата „Хелфајр“.
Ваквата технологија е употребена само неколкупати за време на осумгодишниот конфликт во Сирија, а во еден потврден погодок беше убиен Абу Каир ал-Масри, заменик-лидер на Ал каеда во февруари 2017 година.