Брентон Тарант го очекува изрекувањето на пресудата

Десетнеделното судење на Андерс Брејвик му го зголеми публицитетот и подмолната озлогласеност, но транспарентноста исто така им беше во корист на жртвите

Автор: Осне Зејерштад

Гардијан

Тероризмот не функционира ако никој не пишува за него. Терористите го сакаат нашето внимание и нашите солзи. Норвешка и Нов Зеланд беа погодени од напади на насилни екстремисти инспирирани од идеи со сличен корен како надмоќ и исламофобија, но двете држави избраа две различни патеки во справувањето. Норвешка избра отвореност и целосна транспарентност додека случајот за напаѓачот од Крајстчрч повеќе е како во магла.

Во 2011 година, тогашниот норвешки премиер Јенс Столтенберг, беше во неговиот кабинет и работеше на говорот што требаше да го упати следниот ден, на еден летен камп на младининскиот огранок на Работничката партија, кога надвор се слушна силна експлозија. Андерс Брејвик беше облечен како полициски службеник и детонираше бомба пред канцеларијата на премиерот во центарот на Осло при што загинаа осуммина. Потоа тој се упати до островот Утја каде што требаше да се одржи кампот, изврши напад со огнено оружје, во кој загинаа 69 лица од кои повеќето беа тинејџери. Со насмевка на лицето, тој ги нарече норвешките специјалци свои браќа, според незаконски објавените транскрипти од полициски распити, и побара од нив да му се приклучат на неговата таканаречена револуција. Со тоа започна третата фаза од неговиот терористички чин која значеше пропаганда.

Кога премиерот ѝ се обрати на нацијата по нападите, тој побара „поголема демократија, транспарентност и човечност, но никаква наивност“ за да покаже дека терористот не може да влијае врз нас и да нè промени како луѓе. Добивме транспарентност со тоа што неговиот лик и име беше насекаде, а мојот уредник побара од мене да дојдам до сите можни информации „за тој човек“. Стапивме во контакт со неговото семејство, соученици, соседи, го проучивме неговиот манифест, различните групи со кои бил поврзан, објавените психијатриски извештаи со мала вина дека бевме повеќе заинтересирани за него отколку за жртвите.

Судењето треба да ја круниса неговата фаза на пропаганда, според неговиот манифест чие пишување било прва фаза. Втората фаза била извршување на терористички чин, а третата и последна фаза беше „судењето кое ќе му го обезбеди светското внимание“.

Дилемата е јасна. Нашата ценета транспарентност придонесе за ширење на неговата порака. Судијата, обвинителството и адвокатите се бореа да ја најдат вистинската рамнотежа. По силните реакции на ужалените, медиумите почнаа да се двоумат дали воопшто да го стават терористот на насловните страници. Сепак кога почна судењето, насекаде се раширија сликите на Брејвик во елегантен костум и свилена вратоврска и со нацистички поздрав.

Дали оваа слика беше инспирација за терористот на кој сега треба да му биде изречена затворска казна во Нов Зеланд? Дали Норвешка, со огромната желба за транспарентност, толеранција и човечност, поттикна нови терористи? Дали не требаше да му се даде толкаво внимание и да му се дозволи да зборува за време на судењето?

Професорот Торе Бјорго, кој како експерт сведочеше пред судот, смета дека Тарант бил повеќе инспириран од манифестот отколку од судскиот процес. Директорот на центарот за истражување на екстремизам на универзитетот во Осло го стави Брејвик во фашистички контекст и објаснува како екстремистите се запознаваат на Интернет и меѓусебно се мотивираат и поддржуваат. Брејвик доби статус со бројот на загинати лица во неговиот напад.

Катрин Грондал, адвокатка која застапуваше неколку од жртвите од младинскиот огранок на Работничката партија, посочи дека „судењето било начин сите да согледа детално што всушност се случило во време кога сеќавањата биле уште свежи. Десетнеделното судење не беше неопходно за тој да биде осуден, туку беше потребно за жртвите да можат да дадат исказ со што се соочиле и да дадат поголем увид во настаните“. За да се утврди дали Брејвик бил луд или не, судијата мораше да му дозволи да зборува отворено.

Лисбет Ројнланд ја загуби својата ќерка Сине на островот. Осумнаесетгодишната девојка беше меѓу последните што беа убиени, затоа што успеала да се крие еден час пред Брејвик да ја пронајде. Пред да почне судењето, Лисбет сакала само целиот процес да заврши. Таа не сакала ништо да знае, затоа што не можела да го поднесе страдањето.

– Имаше преголемо медиумско внимание, а сликите од терористот беа во сите весници – истакна таа.

Но сега е задоволна што во судскиот процес биле изнесувани детали.

– Ужалените требаше да знаат што навистина се случувало и кои биле причините. Транспарентноста беше од клучно значење. Не можете да се справите со терорист ако не го познавате. Морам да нагласам дека немаше простор за гнев. Да бидам искрена, имаше премногу добрина и сите реагиравме многу паметно – посочи Лисбет.

Ако идеалот е транспарентноста, без разлика колку и да е мрачна, лошите мисли мора да се анализираат отворено за да не можат да тлеат. Исто како норвешките тролови кои се претвораат во камења и сиви ридови, ако заборават да се скријат пред изгрејсонце. Камењата не претставуваат опасност. Таков беше норвешкиот пристап.

Превод: Билјана Здравковска