Што се случува со Ким Јо-јонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун? Тоа е прашањето што ги мачи сите кои со внимание ја набљудуваат нуклеарната азиска земја откако Ким Јонг-ун ја објави поставата на новото политичко биро, пренесува „Асошиејтед прес“.
Некои веруваат дека тој ја има деградирано неговата сестра од функцијата поради политички неуспеси. Други тврдат дека тој стравува од неа и брзината со која нејзината популарност во партијата расте, за време на економските предизвици во кои се наоѓа Северна Кореја.
– Гласините дека таа е наследникот на Ким Јонг-ун се загрижувачки за него. Затоа тој го успорува нејзиниот напредок во партијата – смета Ох Гјеонг-сеоб, аналитичар во сеулскиот Корејски институт за национално обединување.
Сето ова е изненадување бидејќи Ким Јо-јонг, која стана алтернативен член на политичкото биро минатата година, се очекуваше да добие целосно членство за време на конгресот на владејачката Работничка партија што заврши вчера.
Кога конгресот беше отворен, Ким Јо-јонг се најде меѓу 30-те официјални и неофицијални членови на бирото, кои обично се постари и главно мажи. Но, на крајот на осумдневниот конгрес таа не беше на листата на официјалните членови.
Ким Јо-јонг не е принудена да се откаже од политиката, судбина што снајде некои официјални лица под водство на Ким Јонг-ун, и таа сè уште го задржува своето членство во Централниот комитет на партијата, што исто така претставува високо тело. Но, кога во средата таа објави изјава во која ја критикуваше Јужна Кореја, државните медиуми ја идентификуваа како „заменик-директор на партијата“, што е понизок ранг од претходната титула „прв заменик-директор“.
– Целта на конгресот е да се зацврсти лидерството на Ким Јонг-ун. Ако неговата сестра станеше полноправна членка на бирото, сите погледи ќе беа вперени кон неа – вели Ко Јанг-Хван, поранешен заменик-шеф на Институтот за стратегија за национална безбедност.
Ким Јо-јонг дојде до меѓународна слава по нуклеарната дипломатија на нејзиниот брат со претседателот Доналд Трамп и другите светски лидери во 2018 и 2019 година. На состаноците, нејзината блискост со Ким Јонг-ун предизвика шпекулации дека таа служи како шеф на кабинетот на нејзиниот брат.
Кога минатата година се засилија гласините за влошената здравствена состојба на Ким Јонг-ун, некои експерти сметаа дека неговата сестра е следна во редот за управување со Северна Кореја, доколку нејзиниот брат биде онеспособен да ја врши функцијата.
– Ким Јо-јонг е најверојатно втората најмоќна жена во историјата на Северна Кореја по Ким Сонг-ае, покојната втора сопруга на Ким Ил-сунг. Таа може слободно да се среќава и да разговара со нејзиниот брат кога и да посака, што укажува на неверојатно голема моќ и влијание. Како што таа ќе старее, нејзината моќ ќе се зголемува. Но истовремено, поради тоа таа треба да внимава да не остави чувство дека сака да приграби моќ – вели аналитичарот Гјеонг-сеоб.