Кинските студенти во Сиднеј се цел на измамници, кои ги тераат да го лажираат сопственото киднапирање за да земат откуп, соопшти австралиската полиција, пренесува Би-би-си.
Во многу случаи, студентите биле принудени да го лажираат сопственото киднапирање и да пратат видеоснимка како доказ за своите роднини во Кина, сè со цел да добијат пари.
Годинава се пријавени осум „виртуелни киднапирања“, вклучувајќи и еден случај каде што е платен откуп од два милиона австралиски долари (1,44 американски долари).
Жртвите верувале дека тие или нивните најблиски се во опасност, соопшти полицијата.
Полицијата од Нов Јужен Велс соопштила дека измамата станала хит во 2020 година и дека се работи за многу пари. Тие им порачаа на студентите веднаш да пријават доколку добијат заканувчки повици.
Како функционира измамата?
Властите соопштија дека измамата се врши од други земји, што ја отежнува истрагата.
Обично измамниците преку телефон се претставуваат како службеници од кинеската амбасада и кажуваат дека жртвата има направено некое злосторство или, пак, дека се соочува со некаква закана.
Измамниците, кои обично говорат мандарински, потоа од студентите бараат да платат аванс со што би избегнале апсење или депортација.
Во некои случаи измамниците ги убедуваат студентите да ги прекинат контактите со семејството и пријателите, да изнајмат хотелска соба и да снимат видео со кое лажираат киднапирање, со цел да добијат пари од своите роднини.
Еден татко платил повеќе од два милиона автралиски долари откуп, откако ја видел својата ќерка врзана на непозната локација.
Потоа контактирал со полицијата во Сиднеј, која после еден час потрага, ја нашла младата жена жива и здрава во хотелска соба.
Во другите случаи од годинава, кои се пријавени во полиција, исплатите се движеле од 20.000 до 300.000 австралиски долари.
– Во некои случаи семјствата ги имаат дадено последните пари што ги имаат – вели поручникот Дарен Бенет.
После контактот со полицијата жртвите главно биле пронаоѓани на безбедно место, ама многу често им било срам да го пријават злосторството.
– Жртвите на виртуелното киднапирање се истрауматизирани од она што се случило зашто веруваат дека се довеле себе и својите најблиски во вистинска опасност – објаснува полицијата од Нов Јужен Велс.
Зошто луѓето веруваат во измамата?
Полицијта објасни дека измамата функционира масовно, и дека се вклучени контакти преку автоматизирани телефонски повици, упатени на сите со кинеско презиме во именикот.
– Имаат широк дијапазон на луѓе, па некои од нив ќе „паднат“ на измамата – вели поручникот Бенет.
Во последниве неколку месеци има голем пораст на ваквите случаи, односно речиси секој викенд имало жртви на ваква измама.
Организацијата за меѓународни студенти во Австралија, вели дека оваа група студенти се ранлива категорија затоа што преживуваат и со повремена работа, а примаат и помош од владата.
– Жртвите лесно се изманипулирани затоа што паднале под „психолошка контрола“ на измамниците. Студентите можат да се заштитат од ова злосторство. Прво, мораат да бидат свесни дека постојат и второ, веднаш да побараат помош – вели Бенет.
Вакви измами често се случуваа и на Нов Зеланд и во САД.