Изминатиот период американски претставници неколкупати предупредија дека Русија и Кина ќе бидат спречени да доминираат во арктичките води при нивните истражувања за енергенти таму. Од друга страна, од Москва порачуваат дека руски специјални единици се подготвуваат за потенцијален конфликт на Арктикот
Борба за доминација и ресурси на големите сили на далечниот север
Големите светски сили ја засилуваат битката за превласт на Арктикот, а реториката што периодов е присутна и ја употребуваат тие станува сѐ пожестока. Токму во тој контекст, Вашингтон неодамна предупреди дека САД се подготвени да ја држат Русија подалеку од Арктикот. Американски претставници исто така порачаа дека Русија и Кина во периодот што следува ќе бидат спречени да доминираат во арктичките води, а особено ќе се внимава околу нивните истражувања за енергенти таму.
Од друга страна, од Москва порачуваат дека руски специјални единици се подготвуваат за потенцијален конфликт на Арктикот. За сериозноста на намерите на Кремљ доволно говори и фактот за формираното министерство за Арктик на Руската Федерација, кое ќе има низа нови задолженија меѓу кои и одбранбени политики.
САД се подготвуваат за нова студена војна на далечниот север
Во меѓувреме, поранешниот генерал Кертис Скапароти, главен командант на американските сили во Европа, во изјава за американските медиуми неодамна истакна дека во моментов маршрутата на Северно Море е повеќе отворена и таму постојат комерцијални и ресурсни интереси, а тоа создава натпреварување меѓу големите сили. Скапароти на американската јавност ѝ посочи дека Русија ги зголемила своите одбранбени капацитети, како и тоа дека на теренот распоредила повеќе напредни радарски системи, истовремено поместувајќи најразлични единици во таа област, за да ја зголеми контролата над Арктикот.
– Како резултат на тоа, и ние го обновивме нашиот план. Моравме да го измениме планот за распоредување на нашите сили, како и да ги изменине нашите операции, за да испратиме јасна порака дека Арктикот за нас е многу важен – посочи Скапароти.
Тој неодамна оцени дека шансите за конфликт помеѓу Русија и САД околу Арктикот засега се мали, но истовремено истакна дека Москва значително ја зголемува својата предност во арктичките операции, а нејзините воени бази што се таму служат за зајакнување на руските позиции. Затоа е неопходно САД да одговорат со свои сили на тој дел од Земјината топка.
Москва ја зголемува воената предност во однос на другите
Паралелно на изјавата на Скапароти, слично сериозно предупредување пристигна и од поранешниот американскиот адмирал Џејмс Фого, кој командуваше со американските поморски сили во Европа и во Африка. Во интервју за „Вашингтон егзаминер“, Фого порача дека на Русија и на Кина нема да им биде дозволено да доминираат со Арктичкиот Регион. Тој исто така истакна дека арктичките води се меѓународна надлежност.
– Тоа не е ничие езеро. Сите нации од Арктичкиот совет, во кој и ние членуваме, треба да имаат слободен и фер пристап. Тие сакаат да се осигурат да имаат можност да го поминат Северниот Пол и да го донесат нивниот трговски сообраќај – додаде Фаго.
Кина не е дел од Арктичкиот совет, иако во 2013 година ѝ беше доделен набљудувачки статус. Пекинг, како што оценуваат некои од експертите, се надева дека ќе ја користи северната поморска маршрута што сега се отвора поради топењето на глечерите.
Од друга страна, на изјавите на американските генерали остро реагираа и руските пратеници, кои беа дел од комитетот за надворешни работи на Думата.
– Руски специјални сили се обучуваат за потенцијален конфликт на Арктикот. Ние имаме наши вооружени сили, кои исто така имаат генерали, кои се многу способни. Имаме специјални сили што може да дејствуваат на далечниот север и во неговите услови, и тие досега се докажаа – истакна поранешниот руски пратеник и воен експерт Андреј Климов.
Според него, постојат меѓународни правила што го регулираат користењето на копното и на морето.
На истава тема, угледниот магазин „Политико“ пишува дека и Европа сака да се вклучи со свои активности на Арктикот. Според магазинот, Брисел периодов дури побара и мораториум за искористувањето на ресурсите на нафта и гас за да „промовира стабилност, безбедност и мирна соработка на Северниот Пол меѓу сите“.
Интересно е тоа што рускиот претседател Владимир Путин пред некоја година го потпиша указот со кој Министерството за развој на Далечниот Исток се преименува во Министерство за развој на Далечниот Исток и Арктикот. Министерството доби низа нови функции и ќе работи на формулирање на државната политика и создавање нормативноправни регулативи во областа на развојот на арктичката зона на Русија. Експертите сметаат дека не станува збор само за бирократски потег, туку фактички за почеток за освојување на арктичките територии и водни пространства, кои изобилуваат со природни ресурси како нафта и природен гас.
Во таа насока, Русија неодамна ја прошири пистата во својата воздушна база „Нагурскоје“ на Арктикот на должина од 3.500 метри, што значи дека таму може да приземји поголем дел од своите воени авиони, вклучувајќи и ловци што патролираат по поларното небо.