Повлекувањето на руските трупи долж границата претставува порака до Украина и до нејзините западни поддржувачи, дека Москва уште е главна во Донбас, наспроти тоа што ги ублажи стравувањата за избивање на конфликт, пишува „Фајненшл тајмс“.
Понудата на украинскиот претседател Владимир Зеленски за средба со неговиот руски колега Владимир Путин претставуваше јасно признавање дека Украина не може да се повлече од договорот од Минск (мировен договор потпишан во 2015 година – н.з.), смета американскиот аналитичар Мајкл Кофман.
– Тие сакаа да го убедат Зеленски дека на Киев му е потребна промена на политичкиот курс. Тие навистина сакаа да го загрижат Киев и да им покажат на Украинците што точно можат да им сторат. Евентуално, дека Украина ќе биде препуштена на себе и оти ова е реалност со која администрацијата на Зеленски треба да се соочи – вели Кофман.
Распоредувањето на војската му покажа и на Западот дека постои цена за непријателската реторика и ескалацијата. А цената е ризикот од избивање конфликт, што никој не сака да се случи. Пораката на Кремљ беше слушната, според Алексадар Баунов од Карнеги центарот во Москва.
Ваквиот развој на настаните можеби го убеди и американскиот претседател Џо Бајден да ги смири тензиите со Русија откако Вашингтон воведе нови санкции против Москва и предупреди за „последиците“ ако рускиот опозиционер Алексеј Навални го почине во затвор, наведува Баунов.
Најавата за повлекувањето на трупите долж границата уследи набргу по предупредувањето на Путин за Западот да не ги преминува руските црвени линии. Во изминатите неколку недели Русија распореди 100 илјади војници покрај границатата со Украина, како и тенкови, авиони, поморски сили и дополнителна опрема. Наспроти повлекувањето, Москва и натаму има можност за зголемување на притисокот врз Украина, откако армијата ги остави опремата и оружјето во база во близина на границата, во пресрет на најавените воени вежби со Белорусија налето, како што истакна рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.