Глобалната трговија покажува знаци на закрепнување по веројатно рекордниот пад во вториот квартал, поврзан со пандемијата на коронавирус, објави Светската трговска организација (СТО).
Индексот на глобална трговија во јуни падна на 18,6 поени во однос на истиот период лани и изнесуваше 84,5 поени.
Тоа е најниско ниво откако СТО почна да објавува извештаи во 2007 година, во време на финансиската криза.
Вредноста е во согласност со јунската проценка на СТО за пад на глобалната трговија од 18,5 проценти во вториот квартал од истиот период минатата година, се вели во извештајот.
Точниот степен на падот на трговијата во вториот квартал ќе биде познат откако ќе бидат достапни официјалните податоци.
Во нормални околности, барометарот предвидува промени во трговските трендови неколку месеци однапред, но силните осцилации предизвикани од пандемијата на коронавирус ја намалија неговата предвидлива вредност, предупредува СТО.
Сепак, тие укажуваат на знаци на закрепнување во третиот квартал. Оттука, извештајот покажува зголемување на индексот на нарачки за извоз во јуни на 88,4 поени за разлика од 83,3 поени во март.
– Дополнителните индикатори укажуваат на делумно мало зајакнување на светската трговија и производството во третиот квартал, но силата на таквото можно закрепнување останува многу неизвесна – соопшти СТО.