Повеќе од 600 француски доктори се заканија дека ќе поднесат оставка доколку Владата не го зголеми буџетот за здравството, и тоа додека здравствените работници се подготвуваат неделава да излезат на масовен штрајк. Докторите предупредуваат дека кратењето на буџетот, намалувањето на леглата во болниците и недостигот од вработени го доведуваат здравствениот систем во Франција до колапс и ги доведуваат во ризик животите на пациентите, пренесува „Гардијан“.
– Државните болници во Франција изумираат. Кратењето на буџетите ја загрозува безбедноста на пациентите во некогаш најдобриот здравствен систем во светот – се наведува во отвореното писмо до француската влада, потпишано од 660 доктори.
Докторите повикуваат итни разговори со Владата по речиси девет месеци штрајкови во болниците во одделите за итни случаи, а потоа се проширија и на други оддели – од педијатрија, па до психијатрија. Штрајковите во здравството му задаваат големи проблеми на францускиот претседател Емануел Макрон. Минатомесечното ветување на Макрон за поголемо финансирање на болниците и бонуси за вработените беше отфрлено од докторските групации, кои порачаа дека не е доволно. Во 2000 година, Светската здравствена организација го рангира францускиот здравствен систем како најдобар, на прво место на листата од 191 земја.