Колона илегални мигранти ја напуштиле територијата на Белорусија и влегле во Полска.
Варшава за тоа ги обвинува белоруските власти, наведувајќи дека тоа е уште една акција на белорускиот непријател насочена кон Полска.
Белорусија, од друга страна, вели дека ги презема неопходните мерки за да обезбеди непречено функционирање на меѓународниот сообраќај, како и безбедноста на луѓето што се движат по автопатот.
Поради големиот прилив на мигранти, Литванија испрати војска на границата со Полска и Белорусија, а властите, според „Ројтерс“, ќе размислат за воведување вонредна ситуација на границата.
Според белоруската гранична служба, повеќе од 2.000 бегалци се наоѓаат пред полската ограда. Тие во неколку наврати се обидоа да ја известат полската страна дека ја напуштиле земјата бидејќи нивните животи се во опасност.
„Без оглед на тоа што мигрантите во тоа време не беа агресивни, наместо да се обиде да ја реши ситуацијата, армијата ја подигна и авијацијата за да изврши психолошки притисок. Покрај тоа, тие користеа гас против луѓето кои бараат заштита“, се вели во соопштението.
Според податоците на граничниот комитет, како одговор на неоправданата употреба на специјални средства, дел од бегалците презеле решителна акција и почнале да ја уриваат полската ограда.
Ситуацијата на границата меѓу Белорусија и Полска е крајно напната, соопшти белоруската гранична служба.
Два баталјона на полската армија се мобилизирани поради ситуацијата со мигрантите на границата со Белорусија, се наведува на армискиот Твитер. Судејќи по фотографиите, на граница има многу жени и деца, меѓу кои и бебиња.
На границата меѓу Белорусија и Полска има околу 3.000 мигранти. Почнале да поставуваат шатори и да палат оган, објави агенцијата Белта.