Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, повика на истрага за данско-американскиот шпионски скандал, по извештаите дека данските власти и помогнале на американската Агенција за национална безбедност (НСА) да ги прислушкува познатите европски политичари.
– Земјите вклучени во случајот се сојузници на НАТО и тие треба да ги стават сите факти на маса и да откријат што всушност се случило – рече Столтенберг за данскиот јавен радиодифузер.
Тој рече дека случајот фрли лошо светло на Данска, но дека довербата во НАТО останува недопрена.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел побараа целосно објаснување од владата во Копенхаген.
Данскиот премиер Мете Фредериксен изјави дека нема систематски надзор над сојузниците и дека не верува дека се нарушени односите на Данска со Германија и Франција.