Пожарот што вчера изби на единствениот руски носач на авиони, „Адмирал Кузњецов“, е последниот во низата инциденти на застарениот брод, што повторно ги отвори горливите прашања за состојбата на руската морнарица, односно за проблемите со кои таа се соочува уште од распадот на Советскиот Сојуз. Во пожарот, кој веќе е изгаснат, настрадаа најмалку две лица, а десетмина беа хоспитализирани.
Големите планови за дополнителни носачи на авиони се распаднаа заедно со распаѓањето на Советскиот Сојуз, но Русија го наследи „Адмирал Кузњецов“ на крајот од Студената војна. Иако многу од проблемите што ги зафатија проектите за поморската авијација на Советскиот Сојуз, уште се присутни, руската морнарица и натаму го користи носачот на авиони, кој е еден од најактивните денес. „Адмирал Кузњецов“ е застарен во споредба со носачите на авиони на САД. Но Кремљ, сепак, го користеше во воени мисии далеку од копното на Русија. Од распадот на СССР, руската морнарица се соочува со значително намалување на буџетот.
Руските медиуми објавија дека пожарот избил кога вжарено парче метал паднало низ отвор, доаѓајќи во контакт со купот ѓубре што се наоѓал на долната палуба. Инцидентот се случил за време на поправките на носачот на авиони на пристаништето во Мурманск. Алармот за пожар на бродот бил демонтиран за време на поправката, поради што огнот успеал да се прошири. Отворена е истрага од страна на Истражниот комитет, во врска со можното непочитување на правилата за безбедност.
Двете жртви од вчерашната несреќа не се први што што го загубиле животот на овој брод. Во октомври минатата година на бродот исто така се случила несреќа, кога кран се срушил на палубата, при што загинал еден работник. Кранот направил дупка од 20 квадратни метри, а штетата на палубата значително ги забавила поправките на бродот. Вчерашниот пожар дополнително ќе ги забави поправките, чија цел беше опремување на бродот со современи системи за контрола и ново оружје. С.Ку.