Целта на санкциите е да го принудат на оставка венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, преку дополнително слабеење на и така веќе кревката венецуелска економија, пренесува порталот „Сибиз“.
На американските компании им е забрането да купуваат нафта од венецуелската државна нафтена компанија PDVSA и нејзините подружници, а исто така на сите правни лица од странство им се забранува користење на американскиот банкарски систем за набавка на нафта од оваа јужноамериканска земја.
Ова е една од мерките што ги најави претседателот на САД, Доналд Трамп, со цел да се собори владата во Венецуела и на власт до дојде лидерот на опозицијата Хуан Гваидо.
САД и повеќе од 50 земји, вклучително и нашата држава, го признаа Гваидо за претседател на Венецуела, откако на митинг во јануари тој се прогласи за привремен претседател.
Венецуела, кон крајот на 2018 година извезуваше половина милион барели дневно во САД, а три четвртини од нафтените приходи на државата доаѓаа од американски купувачи.
Повеќе земји во светот, вклучувајќи ги Русија и Кина и натаму го признаваат Николас Мадуро за легитимен претседател на Венецуела.