Авторка: Сара Фрајер
(Блумберг)
Откако Фејсбук одлучи да не ја отстрани контроверзната објава („ако пљачкосувате, ќе има пукање“) на претседателот Трамп, неговите вработени го искажаа своето незадоволство од извршниот директор Марк Закерберг на ривалската платформа Твитер. Алан Зајно, софтверски инженер кој работи во Инстаграм, кој е во сопственост на „Фејсбук“, порача дека „крајно се срами од постапките“. Весли Дикенс, аналитичар на податоци, на Фејсбук напиша дека „фирмата се наоѓа на погрешна страна од историјата“. Друг софтверски инженер, Ден Абрамов, му порача на својот тим дека ќе се приклучи на виртуелниот штрајк „во знак на солидарност со афро-американската заедница“.
Ваквото незадоволство е многу гласно и невидено досега. Стотици вработени се приклучија на виртуелниот штрајк, а бидејќи сите работат од дома, само ги известиле своите менаџери дека земаат слободен ден. Голем дел од нив ги промениле корпоративните профилни слики во знак на поддршка на движењето „црните животи значат“.
Менаџерите посочија дека ова е само почеток и дека состојбата ќе ескалира во периодот пред претседателските избори во ноември. По изборната победа на Трамп во 2016 година, Закерберг вети дека ќе воведе посериозен пристап во Фејсбук во подгревањето на поделби во општеството особено преку ширењето на дезинформации и објави кои го поларизираат народот. Неколку вработени кои анонимно зборуваа со „Блумберг“ сметаат дека непреземените мерки против објавата на Трамп претставуваат кршење на ветувањето.
На 29 мај, Закерберг го разбуди пораката на неговиот тим за политика поради контроверзната објава на Трамп на Фејсбук и Инстаграм. Твитер веќе означи предупредување на објавата, а Закерберг со часови полемизираше дали Фејсбук оправдано може да ја отстрани. Подоцна истиот ден разговараше и со Трамп и му порача на претседателот дека неговата објава предизвикува поделби и не помага, но ќе остане на платформата.
Како и повеќето Американци, вработените во „Фејсбук“ ги следат протестите и се сведоци на полициското насилство во државата. Тие се огласија против одлуката на нивниот шеф преку коментари на внатрешната верзија на Фејсбук. Некои го бранеа Закерберг, поддржувајќи го неговиот аргумент дека Фејсбук, во кој има околу 48.000 вработени, има позитивно влијание врз општеството.
Закерберг секогаш држи неделни состаноци со вработените, кои помагаат во надминување на проблемите. Но овој пат многу вработени се охрабрија да зборуваат гласно. На состанокот на 2 јуни, тие извршија притисок врз управата дали афро-американските лидери во „Фејсбук“ биле вклучени во одлуката на Закерберг за објавата на Трамп и дали компанијата била транспарентна и искрена во намерите. (Закерберг соопшти дека добро прошол разговор со лидерите на граѓанските движења, но тие имаа тотално спротивен одговор.)
Многу вработени велат дека треба итно да се решат нивните поплаки во врска со протестите кои се шират додека Трамп станува сè потврдокорен. Тие сметаат дека во обидот да ја зачува неутралноста, компанијата на крајот изгледа како да го поддржува Трамп. Поранешни вработени го поддржаа виртуелниот штрајк со отворено писмо до Закерберг објавено во „Њујорк тајмс“.
Закерберг отсекогаш ја бранел неактивноста на „Фејсбук“ велејќи дека компанијата не треба да има толкава моќ врз општеството. Но Фејсбук веќе ја имаа таа моќ, како што истакнаа поранешните вработени во писмото. Тој веќе е арбитер на вистината и никогаш не бил неутрален. Тие искажаа жалење што платформата ги поттикнала поделбите во општеството.
Боби Гудлејт, коосновачот на „Форм капитал“, поранешен дизајнер во „Фејсбук“ и потписник на писмото, порача дека „стравот од губење на државата е поголем од губењето на работното место“.
Основачот на „Фејсбук“ на почетокот од оваа година посочи дека нема повеќе сите да ги усреќува. Во јануари порача дека „целта во наредните десет години не му е да им се допадне на сите, туку да биде сфатен“. На вработените и на критичарите им вети поголема транспарентност, но не и согласување.
„Фејсбук“ соопшти дека ќе ги разгледа движењата за поддршка на расна правда и ќе се посвети на градење на центар за потврда на информациите во предизборието.
Закерберг ја зајакна неговата контрола врз работењето, а извршните директори кои му се спротивставуваа самостојно си заминаа или беа присилени да дадат отказ. Од одборот си заминаа и неколку долгогодишни членови.
– Никој не може да влијае врз Марк. Никој не може да го одврати од намерите – посочи еден поранешен близок соработник, кој сакаше да остане анонимен.
Ова можеби е вистина, но стотици сега се одлучни и доволно гневни барем да се обидат нешто да променат.
Превод: Билјана Здравковска