Србин од Нов Белград бил уапсен минатиот петок во американската сојузна држава Колорадо, кога на полицаецот што го запрел поради гледање во телефонот додека вози, му понудил неколку килограми марихуана.
Ненад Стељиќ(30), кој живее во Чикаго со работна виза, во петокот попладне бил запрен кај Јута откако полицаец го видел како се јавува на својот мобилен телефон и како пишува пораки додека вози, пишува американскиот весник „Дејли Сентинел“.
Полицаецот во својот извештај наппишал дека од автомобилот на Стељиќ се чувствувал „пресилен мирис на сирова марихуана и освежувачи за воздух“.
Запрашан колку марихуана има во возилото, Стељиќ рекол дека нема воопшто. Кога полицаецот му рекол дека се чувствува силен мирис, Стељиќ „му се извинил и му рекол дека пушел марихуана претходно во автомобилот“.
Полицаецот го претресол неговото теренско возило и пронашол шест големи црни торби за смет во кои имало помали вакуумирани кесички со марихуана, кои тежеле околу 70 килограми.
Стељиќ во еден момент му рекол на полицаецот дека сам одгледувал растение во Сан Франциско и дека го превезува или во Чикаго или во Њујорк.
Србинот потоа го прашал полицаецот дали и натаму го снима нивниот разговор.
– Му реков на господинот Стељиќ дека снимам, на што тој ми рече „Зошто не го исклучиш тоа?“. Тој потоа ми рече „Ќе ти оставам неколку килограми марихуана и потоа можеш да ме пуштиш да си заминам“ – пишува во полицискиот извештај.
Стељиќ се соочува со кривични дела на поткуп, како и поседување на марихуана со намера да се дистрибуира.
Ако биде осуден за поседување, во затвор може да биде 32 години. Ако биде осуден за поткуп, може да заработи казна од четири до 16 години затвор.
Тој се појавил во Окружниот суд Меса во понеделникот, каде што судија наредил да остане во притвор, наместо да плати кауција од 25.000 долари во готовина.