Финската полиција соопшти дека нејзини припадници спречиле обид за напад на еден „опасен и агресивен маж“ врз министер во Владата на Финска за време на еден предизборен собир.
Полицијата во соопштението не посочи за кој министер станува збор, но според локалните медиуми, цел на нападот бип шефот на финската дипломатија, Тимо Соини.
– Врз основа на првичните информации, опасен и агресивен маж се обидел да му пријде на министерот на изборен собир на локалниот пазар во (градот) Вантаи – се наведува во полициското соопштение.
Мажот, кој бил онеспособен од полицајците, бил облечен во црна кошула со натпис „Војници на Один“, но нема информации дали бил вооружен.
„Војници на Один“ е десничарска организација позната по своите антимигрантски ставови.
Портпаролот на Соини одби да ги коментира ваквите информации.