Полицијата во Атланта спречи потенцијален оружен напад во маркетот „Пабликс“ во трговски центар во центарот на градот. Едно лице, кое со себе носело пушка, било забележано од купувач додека влегува во тоалетот на супермаркетот, по што била известена полицијата, пренесува „Си-ен-ен“.
Полицијата набрзо го лоцирала и уапсила лицето. За време на истрагата биле пронајдени две пушки и три пиштола, како и панцир. Осомничениот е идентификуван како Рико Марли, кој има 22 години. Тој е приведен и ќе биде пренесен во затворот во округот Фултон.
Инцидентот следува само два дена откако оружен напаѓач уби десет лица во Болдер, Колорадо, односно една недела по убиството на осум лица во салони за масажа во Атланта.
Според полицијата на Атланта, здравствени лица вршат проценка за менталното здравје на Марли и истрагата сѐ уште е во тек. Полицијата исто така реагираше и на дојава за сомнителен пакет непосредно по апсењето на Марли. Областа била евакуирана и засега не е познато дали пакетот е поврзан со претходниот инцидент.