Спорот во германската Влада околу мигрантските прашања доведува до засилување на националистичките партии како што е Алтернативата за Германија (АФД). Според анкета на весниот „Билд ам Зонтаг“, поддршката на двете владејачки конзервативни партии, ЦДУ на Ангела Меркел и баварската ЦСУ, паднала на 31 процент, два проценти помалку отколку во претходната анкета.
Меркел и Хорст Зехофер, министерот за внатрешни работи кој доаѓа од редовите на ЦСУ, се во отворен конфликт околу прашањето со границите. Двете партии имаат повеќедецениска соработка, а моментално се во уште една широка коалиција со социјал-демократската СПД партија, која ужива поддршка од 18 проценти од граѓаните, со што продолжува трендот на анкети кои покажуваат дека двете најголеми политички опции во Германија собрани заедно ја немаат поддршката од барем половина од граѓаните.
Популарноста на АФД пораснала за 1 процент, на 16 отсто. Во пресрет на регионалните избори во Баварија во октомври каде исто така расте популарноста на АФД, Зехофер и баварскиот премиер Маркус Зедер најавија дека нема да попуштат по прашањето на мигрантите, дури и по цена да ја урнат канцеларката Меркел или предизвикаат предвремени избори.