Спасувачите во Индонезија продолжуваат да се пробиваат низ густите слоеви пепел во трката за пронаоѓање на преживеаните по ерупцијата на вулканот Семеру во саботата, во која најмалку 34 луѓе ги загубија животите, а илјадници беа раселени, пренесуваат светските медиуми.
– Според последниот биланс, 34 се загинати, а 17 се водат како исчезнати – рече портпаролот на агенцијата за справување со катастрофи.
Околу две илјади Индонезијци беа евакуирани, а речиси три илјади куќи и 38 училишта се оштетени според надлежните. Повеќе од 10 села беа покриени со пепел и уништени.
Последната ерупција на вулканот Семеру беше во јануари, а тогаш немаше жртви. Индонезија е во Пацифичкиот огнен појас, каде што се чести земјотреси и вулкански ерупции. Архипелагот на Југоисточна Азија вклучува повеќе од 17.000 острови и повеќе од 130 активни вулкани.