Сите 12 млади фудбалери и нивниот тренер се извлечени од поплавената пештера во екстремно ризичната операција во Тајланд. Среќен епилог има неверојатната приказна на фудбалскиот тим, која со денови ја обиколуваше Земјината топка. Не знаеме дали е ова чудо, наука или нешто друго, важно е дека е спасен целиот тим, вели еден нуркач што учествувал во операцијата

Се тркаа со времето, се бореа за живот и на крајот победија. Сите 12 млади фудбалери и нивниот тренер се спасени од поплавената пештера во неверојатната операција во Тајланд. Нуркачите вчера ги извлекоа преостанатите четири момчиња и нивниот тренер, откако претходните два дена од пештерата спасија вкупно осум деца. Не знаеме дали е ова чудо, наука или нешто друго, важно е дека целиот тим е спасен, гласи објава на еден од спасувачите што учествуваа во извлекувањето на момчињата и на тренерот. Тие ја преживеаја тринеделната пештерска голгота благодарение на успешниот план на меѓународниот тим од 90 искусни нуркачи, кои решија да ги подучат да нуркаат за да можат да се протнат низ тесните поплавени премини и да излезат од пештерата. Повеќедневниот план беше и сложен и ризичен, а во него животот го загуби и еден професионален нуркач, но крајот беше забележан триумф на младиот фудбалски тим.
Иван Караџиќ, еден од спасувачите во тимот што ја спроведе операцијата во Тајланд, за Би-би-си открива зошто толку им се восхитува на децата.
– Тие беа принудени да направат нешто што никогаш досега во историјата ниту едно дете не било принудено да го направи. Не е нормално деца од 11 години да нуркаат во пештера – вели Караџиќ.

Нуркачите вчера ги извлекоа преостанатите четири момчиња и нивниот тренер

Тој посочува дека децата нуркале во екстремно опасни услови.
– Апсолутно немаше никаква видливост, единствено од светлината што доаѓаше од нашите ламби. Затоа бевме многу исплашени од паниката што можеше да избие. Згора на тоа, постоеше повеќекратна опасност од дефект на опремата што ја користевме… Не ми се верува колку се кул тие деца. Кога размислувам дека повеќе од две недели останаа на таков мал простор, во таа празнина, и дека не ги видоа своите мајки и татковци. Тоа се неверојатно силни деца. Да не веруваш – раскажува тој.
На новинарско прашање како реагирал кога го видел првото дете во пештерата, Караџиќ вели дека во првиот момент му било многу страв да не го види најлошото.
– Бев многу исплашен зашто кога видов нуркач и дете пред мене, а не можеме многу да гледаме во тие услови, можеби 50 метри, сѐ уште не знаев дали е тоа жртва или живо дете. Бев многу исплашен. Но кога видов дека детето е живо, се почувствував многу добро – нагласува Караџиќ.

Планот беше и сложен и ризичен, а во него животот го загуби и еден нуркач, но крајот беше забележан триумф на фудбалскиот тим

Тајландските лекари велат дека од првите осум евакуирани деца, две се лекуваат од пневмонија, а уште шест од хипотермија. Нивните родители биле принудени да носат хируршки наметки и маски и не им било дозволено да ги гушкаат додека се испитуваат од инфекции, кога ги посетиле завчеравечер во болница. Децата се вакцинирани против беснило и тетанус и примиле антибиотици од страв во пештерата да не биле каснати од лилјаци што пренесуваат заразни болести. Лекарите велат дека децата се среќни и едвај чекаат да си одат дома, но нагласуваат дека се изнемоштени и дека ќе треба да останат во болница најмалку уште една недела, па затоа не може да патуваат на финалето на Светското првенство во фудбал во Русија, по поканата од ФИФА. Инаку, спасувачката операција вчера ја поздравија многу светски лидери, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп, германската канцеларка Ангела Меркел и британската премиерка Тереза Меј, а децата вчера добија и покана да го посетат „Олд трафорд“, бидејќи многу од нив се навивачи на Манчестер јунајтед, јави Би-би-си.
Пештерската трагедија на 12-те фудбалери на возраст, меѓу 11 и 17 години, и на нивниот 25-годишен тренер почна на 23 јуни, кога тие влегле во пештерата Там Луанг во северен Тајланд, која потоа се поплави од поројните дождови.

Меѓународен спасувачки тим ги пронајде децата во пештерата дури на 2 јули. Во наредните денови, спасувачите разработуваа планови како да ги извлечат децата, тркајќи се со времето поради зголемувањето на нивото на водата и намалувањето на нивото на кислород во пештерата. Децата учеа како да користат нуркачки маски и боци со воздух. На 6 јули почина еден искусен нуркач, што само потврди колку е ризична операцијата. Во неделата на 8 јули беше спасена првата група од четири момчиња, а завчера беа извлечени уште четири момчиња. Фудбалерите и тренерот беа извлекувани во групи зашто во меѓувреме мораше да се заменат боците со воздух во лавиринтот од тесни, поплавени премини во пештерата.
Во целата операција се вклучи и познатиот милијардер Илон Маск, кој понуди мини-подморница од делови на ракета како решение за спасување на децата и допатува во Тајланд со неа, но спасувачите оценија дека тоа е „добра технологија што нема практична примена за оваа мисија“.


Ќе се снима филм?

Приказната за спасувањето на децата би можела да биде претворена и во холивудски блокбастер, бидејќи претставници на американска продукциска компанија веќе пристигнаа пред пештерата во Тајланд за да ја развиваат идејата за снимање филм за неверојатната судбина на младите фудбалери.