Адул Сам-он (14), едно од 12-те спасени момчиња од пештерата Там Луанг, го опиша „моментот на чудо“ кога британските нуркачи ги пронајдоа во пештерскиот комплекс во северен Тајланд, пренесува Би-би-си.
– Кога нуркачот се појави, му кажав здраво. Му кажав оти сме добро. Ова беше момент на чудо – кажа Адул Сам-он, единственото од децата што знае англиски.
Момчињата го опишаа периодот од две недели поминати во пештерата, на денешната прес-конференција, откако беа пуштени од болница. Тие се појавија пред медиумите во фудбалски дресови, заедно со припадниците на единицата „фоки“ на тајландската морнарица кои учествуваа во спасувањето.
Децата, меѓу другото, открија дека играле дама со спасувачите, и оти размислувале за пржен ориз кога биле гладни. Едно од децата вети дека ќе биде добра личност. Фудбалскиот тренер, кој исто така беше заробен, кажа дека се обиделе самите да се ослободат со копање во пештерата.
Гувернерот на провинцијата Чианг Раи, Прачон Пратсукан, соопшти оти појавувањето на момчињата на прес-конференцијата ќе биде нивно „единствено интервју за медиумите“, додавајќи дека „тие нема веќе да разговараат со новинарите“.
Претходно беше направена селекција на новинарските прашања, како и нивна проверка од детски психолог, за да се осигури оти нема да ги растревожат момчињата.
Медиумскиот настан беше организиран една недела по драматичното спасување на момчињата.