Роверот на НАСА, „Персеверенс“, за време на прекин на врската со Земјата поради соларно затемнување во октомври доби краток но заслужен одмор. Сега роверот повторно се враќа на работа со полна пареа во потрага по траги од живот на Црвената планета, пренесува Си-ен-ен.
Соларниот прекин започна на 2 октомври и траеше до 19 октомври и ја сопре комуникацијата на НАСА со роверот. Една од задачите на роверот е да собира примероци од камења и прав во кратерот Језеро, кои во идни мисии ќе бидат испраќани назад до Земјата.
Роверот примероците ги зема благодарение на неговите алатки на својата роботска рака. Една од таквите алатки е и алатката за брусење, со која може да ги гребе површинските слоеви на карпите.
– Ваквите слоеви во карпите се формирни во вода, и ги содржат тајните за тоа како изгледала планетата во минатото. Погледнавме таму каде што друго човечко око никогаш не погледнало досега – објава НАСА на Фејсбук.
По отворањето на карпата со помош на алатките, роверот пратил слики од нејзината внатрешност, на кои може се забележат куп зрнести минерали и седименти.
Минералите во кратерот, кој пред 3,7 милијарди години бил езеро, делуваат како античка временска капсула, од која научниците можат да утврдат каква била климата во минатото, кога планетата беше потопла и повлажна, и потенцијално погодна за живот.