Сенаторот од Вермонт ја доби поддршката на најразлични гласачки групи – млади и средовечни лица, Јужноамериканци, членови на синдикати и бели високообразовани жени – во Невада, што сигнализира дека неговото гласачко тело засилено се проширува на национално ниво
Сенаторот Берни Сандерс го зацврсти статусот на фаворит во трката за демократска претседателска номинација откако победи на партискиот пленум во сојузната држава Невада. Сандерс, кој како сенатор го претставува Вермонт, ја доби поддршката на најразлични гласачки групи – млади и средовечни лица, Јужноамериканци, членови на синдикати и бели високообразовани жени – во Невада, што сигнализира дека неговото гласачко тело засилено се проширува. Џо Бајден е на добар пат да го освои второто место, со што би се влеала надеж во неговата проблематична кариера, пренесуваат американските медиуми.
Резултатите, добиени од над 50 отсто од гласачките места, покажуваат дека Сандерс освоил околу 44 отсто од гласовите. На второто место е Бајден со 25 проценти, додека, пак, на третото место е бившиот градоначалник од Индијана, Пит Бутиџиџ, за кого гласале околу 15 отсто од гласачите во Невада. На бившиот потпретседател Бајден очајнички му беше потребен добар резултат по слабите резултати на првите партиски пленуми и избори во Ајова и во Њу Хемпшир, каде што не стигна подалеку од четвртото место.
– Создадовме коалиција составена од повеќе генерации, која ќе освои победа не само во Невада туку и пошироко во земјата – порача Сандерс, говорејќи пред приврзаниците во Сан Антонио во Тексас.
Пленумот во Невада се случува во критичен момент на внатрепартиските избори кај демократите, една седмица пред гласањето во Јужна Каролина и пред т.н. Супервторник, кој ќе се одржи на 14 март. Во држава каде што речиси 30 отсто од населението се со јужноамериканско потекло, десет проценти се Афроамериканци и има растечка азиско-американска заедница, резултатите од Невада се добар знак за рејтингот на Сандерс во диверзитентните држави, кои многу поблиску ја рефлектираат демографската слика на Демократската партија.
Победата на самопрогласениот демократски социјалист следува по добрите резултати во Ајова и во Њу Хемпшир, а сега е неговиот момент, бидејќи поддршката од поцентристичките демократски гласачи останува поделена помеѓу неговите ривали. И додека нема сигнали од овие поумерени демократи дека наскоро ќе ја напуштат изборната трка, Сандерс има солидно водство во трката за добивање на номинацијата и одмерување на силите со Доналд Трамп на изборите во ноември.
Првите внатрепартиски избори, во Ајова и во Њу Хемпшир, исто така дадоа добри резултати и за Бутиџиџ. Но градоначалникот од Индијана по сѐ изгледа не успеа да добие поголема поддршка помеѓу шареноликото гласачко тело во Невада. Пред соопштувањето на резултатите во Невада, тој ја критикуваше „нефлексибилната идеолошка револуција“ на сенаторот од Вермонт и ги повика демократите да не брзаат со номинирањето на Сандерс.
Партискиот пленум во Невада исто така беше и голем тест за кампањата на Бајден, кој беше фаворит на ланските анкети, но оствари слаби резултати во првите две сојузни држави.
– Медиумите брзаат некого да прогласат за мртов. Ние сме живи. Се враќаме. Ќе победиме во Јужна Каролина, а потоа и на Супервторникот – порача Бајден.
Интересно е тоа што името на бившиот градоначалник на Њујорк, Мајк Блумберг, не се најде на гласачкото ливче во Невада поради неговото подоцнежно вклучување во изборната трка. Кампањата на милијардерот минатата седмица се соочи со интензивна контрола, по засрамувачкиот перформанс на Блумберг на неговата прва партиска дебата.