Администрацијата на Џо Бајден сѐ уште не презема никакви чекори против саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, откако американските разузнавачки агенции го објавија декласифицираниот извештај за убиството на Џамал Кашоги, во кој се тврди дека саудискиот принц ја одобрил акцијата во која беше убиен новинарот на „Вашингтон пост“, пренесува магазинот „Тајм“.
– Случајот го претвори бин Салман од фигура за која многумина се надеваа дека ќе ја модернизира Саудиска Арабија, во меѓународен париј. Јавното засрамување изгледа е најгорната граница до која администрацијата на Бајден е подготвена да оди – пишува „Тајм“.
Покрај економските санкции за соучесниците, како и забрана за влез во САД на 78 Саудијци, администрацијата на САД може да удри само по егото на бин Салман, кој тврди дека не е одговорен за убиството. Тој засега не е добредојден во САД, а Бајден комуницира само со неговиот татко, 85-годишниот крал Салман бин Абдулазиз Ал Сауд.
Ваквото „плескање по рака“ предизвика негодувања и критики во Вашингтон од пратениците и активистите за човекови права, кои сакаат бин Салман да биде обвинет, па дури и да биде симнат од власт.
Саудиска Арабија е клучна во напорите на САД да се неутрализираат иранските експанзионистички амбиции на Блискиот Исток, во одржувањето на односите меѓу Израел и арапските земји, а исто така е домаќин на клучни американски воени и разузнавачки бази и купува милијарди парчиња воена опрема од САД.
– Ние имаме обврски во Саудиска Арабија и ќе продолжиме да ги исполнуваме – изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, пред новинарите, додека саудиските новински агенции објавија дека саудиските и американските трупи започнале заедничка воена вежба за обука само два дена по објавувањето на извештајот за Кашоги.
Саудискиот аналитичар Али Шихаби смета дека принцот се чувствува навистина навредено од обвинувањата, и би можел да се осврне кон Пекинг за да ја зацели неговата повредена гордост доколку продолжат нападите од Вашингтон.
– Но, доколку случајот за Кашоги биде оставен зад нас, бин Салман ќе заборави на тоа – вели Шихаби.