Стив Бенон, долгогодишен сојузник на поранешниот aмерикански претседател Доналд Трамп, им се предаде денеска на федералните власти за да се соочи со обвиненијата за непочитување на судот, откако одби да соработува со комисијата на Претставничкиот дом што го истражува јануарскиот бунт во Капитол.
Бенон е во притвор од утрово, а се очекува да се појави пред судот подоцна денеска, пренесе АП.
Бенон (67) во петокот беше обвинет по две точки за непочитување на судот, затоа што одбил да се појави на сослушување во Конгресот и затоа што одбил да обезбеди документи на барање на комисијата.
Бенон сега може да се соочи со една година затворска казна и парична казна од 100.000 долари.
Комисијата на Претставничкиот дом што ги истражува немирите што се случија во Капитол на 6 јануари годинава едногласно го поддржа гласањето за непочитување на судот во случајот на поранешниот главен помошник на Доналд Трамп, поради неговото непочитување на процедурите на Конгресот.
Бенон е еден од над 30-те луѓе блиски до поранешниот американски претседател на кои комисијата на Претставничкиот дом им нареди да сведочат за она што се случувало во пресрет на 6 јануари, кога илјадници луѓе упаднаа во зградата на Капитол.