Предлогот следува по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Алијансата е клинички мртва, но и понатаму има поделби околу позициите за иднината на НАТО, особено помеѓу Франција и Германија, и околу европската зависност од САД, кога станува збор за гаранциите за безбедноста на Европа
НАТО ја разгледува можноста за формирање експертска група како одговор на тврдењата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Алијансата е клинички мртва и дека нејзините гаранции за колективна безбедност се под закана. Идејата, за која ќе се дискутира идната седмица на самитот во Лондон, е на шефот на германската дипломатија Хаико Мас, а следува по контроверзното интервју на Макрон за „Економист“, во кое ја критикуваше слабата координација на сојузниците од НАТО за Сирија. Францускиот министер за одбрана Флоренс Парли порача дека дискусиите треба да бидат фокусирани на иднината на Алијансата. Тимот експерти нема да го објават својот извештај пред ноември наредната години, до кога веќе ќе се знае новиот претседател на САД и кога политиката на трансатлантската алијанса ќе биде појасна, наведува „Гардијан“.
Но како што пренесува британскиот весник, ваквиот предлог не наиде на универзална поддршка, дури и во Германија, каде што највисоките функционери предупредуваат дека планот е класично избегнување на одговорноста од оние што сакаат да ги одложат тешките одлуки за иднината на Европа, кои само политичарите може да ги донесат, а не експертите. Претседателот на германскиот комитет за надворешни работи Норберт Ротген воопшто не го крие својот скептицизам за прелогот.
– Францускиот претседател објавува дека НАТО е клиничко мртво и сега имаме работна група, каде што експертите ќе кажат каква ќе биде иднината. Политичарите самите одговорно треба да знаат која е иднината на НАТО и зошто ни е потребно по крајот на Студената војна – порача Ротген.
Но Макрон по сѐ изгледа не жали за своите коментари. Зборувајќи на неодамнешната Париска мировна конференција тој повторно упати остри критики.
– Се соочуваме со криза без преседан во нашиот меѓународен систем. Затоа се потребни нови алијанси и нови начини за соработка. Искушението на унилатерализмот е многу ризично. Ја пробавме таа опција во минатото: таа води кон војна. Национализмот е војна – порача Макрон, алудирајќи на унилатералните политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Од друга страна, германската канцеларка Ангела Меркел стравува дека Макрон го искористува изолационизмот на Трамп за да ја наметне традиционалната француска деголистичка агенда на Европа, која само ќе ги разгневи источноевропските и балтичките земји.
Во суштина, според „Гардијан“, Макрон чувствува дека сегашните промени во САД се дел од долгорочен тренд, независен од Трамп, и оти Европа мора да биде подготвена да преземе поголема одговорност за својата безбедност. Тој предвидува дека наследникот на Трамп исто така нема да биде расположен САД да ѝ го простат на Европа ниското ниво на трошење за одбраната. Па, така, на пример, Еш Картер, секретарот за одбрана на Барак Обама, честопати им држеше „лекции“ на Европејците да ги зголемат буџетите за одбраната до предвидените два отсто од БДП.
Спротивно на тоа, Германија и натаму се надева дека Трамп е аномалија и верува оти Европа може бесконечно да зависи од САД за нејзината одбрана. Во очите на Германците, идејата Европа да ги замени САД како централна и водечка сила во НАТО е чиста фантастика, заклучува „Гардијан“.