Поранешниот припадник на ЦИА и на Агенцијата за национална безбедност (НСА) на САД, Едвард Сноуден, кој откри и сподели доверливи информации и тајни за шпионажа во 2013 година во САД, се согласи да плати над 5 милиони долари на американската влада. Според судските записи, тоа се пари што Сноуден ги заработил од продажба на неговата книга и одржаните гостувања и говори, пренесува Си-ен-ен.
Сноуден ја издаде книгата „Досие“ минатата година без одобрение на владата, во спротивност со договорите што ги потпиша со ЦИА и НСА. Министерството за правда на САД претходно поднесе тужба против Сноуден поради објавувањето на мемоарите зашто сметаат дека Сноуден на тој начин ги прекршил обврските за неоткривање информации. Федерален судија застана на страната на Министерството за правда во случајот за одредување на приходите, и за тоа колку Сноуден треба да плати. Судијата сè уште го нема одобрено планот за одземање на приходите.
Сноуден, кој доби азил и живее во Русија, заработи 4,2 милиони долари од продажбата на неговата книга. Тој исто така одржа 56 платени говори што вклучуваат обелоденувања што го прекршиле неговиот договор за тајност, според поднесокот на судот до неговите адвокати во САД. Сè на сè, Сноуден заработи околу милион долари од говорите, што се проценува дека за еден говор добивал околу 18.000 долари.
Парите ќе бидат ставени во фонд, договорен од администрацијата на Трамп и Сноуден. Но, адвокат на Сноуден вели дека договорот поднесен во вторникот не значи дека американската влада ќе може веднаш да ги добие парите, бидејќи Сноуден размислува да поднесе жалба за претходната одлука на судот, односно дека тој имал право за обелоденувањето.
– Ова не е гаранција дека тие ќе ги добијат парите. Ова е пресуда кон која тие и онака целеа. Американската влада тешко може да дојде до пристап на парите доколку тие се чуваат надвор од САД – изјави вчера Лоренс Лустберг, адвокатот на Сноуден.
Според Лустберг, тие 4 милиони долари биле аванс кои издавачот му ги дал на Сноуден за пишување на книгата.
Случајот претставува еден од начините на кои американската влада ги држи поранешните вработени кои се одговорни за неовластено протекување на информации.
Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност, објави штетна книга за претседателот Доналд Трамп на почетокот на годината, и се соочува со сличен случај покренат од Министерството за правда, кое бара тој да ги врати приходите од книгата. Неговиот случај е сè уште во тек, со сослушување закажано за оваа недела. Болтон ги оспорува обвинувањата на владата.