Две лица загинаа, а четворица, од кои еден полицаец, се повредени во пукотница во трговски центар во градот Бојси, во Ајдахо, соопшти полицијата. Осомничениот за престрелката е уапсен.
На прес-конференцијата беше соопштено дека дошло до размена на оган меѓу полицијата и осомничениот, а истрагата е во тек. Началникот на полицијата во Бојси, Рајан Ли, изјави дека пукањето било пријавено во 13 часот и 50 минути.
– Во овој момент не можеме да зборуваме за мотивот, бидејќи тоа би било прерано. Не можам доволно да опишам колку овој настан е трауматичен за пошироката заедница, како и за оние кои биле очевидци, семејства или биле сами во трговскиот центар во моментот на нападот – изјави началникот на полицијата.
Чери Гипин била во трговскиот центар со пријателка. Таа вели дека слушнала звук и мислела дека нешто паднало од таванот, а потоа шеесетина луѓе, меѓу кои и семејства со мали деца во колички, почнале да трчаат кон нив, викајќи дека некој пука. Тие истрчале, а полицијата на оние кои избегале од трговскиот центар им наредила да се оддалечат од паркингот.
Градоначалничката на Бојси, Лорен Меклејн, побара од медиумите и јавноста да им овозможат приватност на жртвите и нивните семејства по трауматичното пукање и се заблагодари на полицијата за нивната работа во заштитата на граѓаните.