Демонстрантите вчера упаднаа во полициска станица во Минеаполис предизвикувајќи пожар
Кажете го неговото име! Демонстрантите ја извикуваа оваа парола додека полицајците во полна опрема ги спуштија маските преку лицата подготвувајќи се да тргнат напред кон толпата во Минеаполис која го скандираше името на Џорџ Флојд, пренесува „Вашингтон пост“.
Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Минеаполис и протестите се проширија во околните области додека повеќе објекти беа запалени, вклучувајќи ги и канцелариите во полициска станица, додека насилните судири со полицијата траеја. Немирите кои влегоа во третиот ден, по смртоносната средба на 48-годишниот афроамериканец со полицијата, се засилуваат, додека повиците за правда преминаа во напад врз полицијата која веќе извесно време се соочува со обвинувања за расизам кон афроамериканската заедница.
Во ноќешните судири беа вклучени демонстрантите кои упаднаа во Третата полициска станица во Минеаполис и ја запалија. Полицијата соопшти дека „демонстрантите насилно влегле во зградата и запалиле неколку пожари“.
Главно мирните демонстрации претходно беа се одвиваа во соседство во јужниот дел од градот, но вчера, незадоволните граѓани се собраа во близина на „Сент пол“ каде што собирите беа придружени и со пљачкосување и вандализам. Дел од демонстрантите се обидоа да го сопрат сообраќајот. А доцна во ноќта учесниците на протестот во повеќе наврати се судрија со полицијата додека дел од луѓето во толпата употребија пиротехнички средства испалувајќи проектили кон полицајците. Гувернерот Тим Волц ја активираше националната гарда во обидот да воспостави ред.
Активистот Мајкл Мекдауел порача дека толпата се собрала за да протестира против смртта на Флојд и дека тоа се луѓе чиј глас досега не бил слушнат.
– Овие луѓе реагираат на насилниот систем. Можете да ги замените имотот, бизнисите, материјалните нешта, но не можете да го замените животот. Тој човек засекогаш замина бидејќи некој полицаец мислеше дека има право да го одземе неговиот живот. На многумина им е смачено од тоа. Тие веќе нема да го трпат тоа. Затоа Минеаполис гори – порача Мекдауел.
По хаотичните глетки дел од претставниците на градските власти беа во солзи, апелирајќи за мир.
– Имате потполно право да бидете незадоволни, лути, да го изразите гневот. Но немате право да практикувате насилство врз истата заедница за која велите дека се залагате – кажа Андреа Џенкинс, член на советот на Минеаполис.
Дел од сопствениците на дуќаните молеа за милост, обидувајќи се да ги заштитат нивните бизниси. Некои поставија натписи на затворените дуќани, а други останаа внатре во обидот да ги сочуваат своите бизниси.
„Нема правда, нема мир“ и „Гонете ја полицијата“ извикуваа демонстрантите во немирите кои и натаму траат.