Американскиот претседател Доналд Трамп вчера преку Твитер побара од Иран да го врати во САД поранешниот агент на Федерално истражно биро (ФБИ), Роберт Левинсон, кој исчезна во 2007 година за време на неовластена мисија на ЦИА, пишува „Политико“.
– Доколку има можност Иран да го врати во САД киднапираниот поранешен агент на ФБИ, Роберт Левинсон, кој исчезна во Иран пред 12 години, тоа би бил многу позитивен чекор – напиша претседателот.
Тој во остатокот од својот твит се наврати на актуелната тема на збогатениот ураниум.
– Истовремено, според информациите, Иран го збогатуваше и збогатува ураниумот. ТОА БИ БИЛ МНОГУ НЕГАТИВЕН ЧЕКОР – додава Трамп.
If Iran is able to turn over to the U.S. kidnapped former FBI Agent Robert A. Levinson, who has been missing in Iran for 12 years, it would be a very positive step. At the same time, upon information & belief, Iran is, & has been, enriching uranium. THAT WOULD BE A VERY BAD STEP!
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) November 11, 2019
Официјални претставници на САД со години тврдеа дека Левинсон на своето патување во Иран работел за приватен клиент. Во декември 2013 година, „Асошиејтед Прес“ објави дека поранешниот агент всушност бил на мисија со аналитичарите на ЦИА, кои немале овластување да водат шпионски операции.
По неговото исчезнување, во 2010 и во 2011 година се појавија фотографии и видео-снимка од Левинсон во портокалова затворска униформа. Неговото семејство го тужи Иран во Сојузниот суд на САД под обвинение дека иранската влада го киднапирала.
Иран призна дека има отворен случај на суд во кој е вклучен Левинсон, но портпаролот на Министерството за надворешни работи во неделата изјави дека случајот се води како „исчезнато лице“, што не укажува дека екс-агентот е гонет.
Државниот секретар Мајк Помпео минатата недела објави дека Стејт департментот ќе понуди 20 милиони американски долари, што ја надминува претходно објавената награда од пет милиони американски долари за информации во случајот со Левинсон.
– Администрацијата на Трамп јасно стави до знаење дека режимот во Иран мора да ги ослободи сите исчезнати и погрешно приведени Американци, вклучувајќи ги Роберт Левинсон, Сију Ванг, Сијамак Намази и други. Ние нема да запреме додека не ги соединиме овие лица со нивните семејства – се вели во изјавата на Помпео.