Судот во Словачка го ослободи тајкунот Маријан Кочнер од обвиненијата дека наредил убиство на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница, пренесува Би-би-си.
Атентатот врз новинарот во Словачка предизвика масовни протести и доведе до пад на владата на тогашниот премиер Роберт Фицо.
Поранешниот војник Мирослав Марчек во април годинава беше осуден на 23 години за учество во убиството.
Но, судот пресуди дека обвинителството не успеало да докаже дека Кочнер и третообвинетиот го наредиле убиството. Нивните ослободителни пресуди денеска ги објави судот во Пезинок, град северно од главниот град Братислава. Обвинителството најави дека ќе се жали на одлуката.
Јан Куцијак ја истражувал корупцијата и активностите на Маријан Кочнер, богат претприемач и трговец со недвижнини. Тој и неговата вереница беа застрелани во нивната куќа во близина на Братислава во февруари 2018 година.