Според воените аналитичари, нема да има воен победник меѓу војските на Русија и САД при евентуален судир околу случувањата во Сирија, туку сите ќе бидат губитници
Опасноста од избувнување отворен воен конфликт меѓу најголемите воени сили САД и Русија со децении ги вознемирува сите на планетава, а ризикот особено доби интензитет по последните геополитички превирања околу Сирија. Имено, по наводниот хемиски напад, во кој загинаа 70 лица во сирискиот град Дума, за кој Западот прстот го впери кон сирискиот претседател Башар ал Асад, и САД и Русија започнаа да ги активираат своите моќни воени машинерии. Ако на сето тоа се додадат и разнишаната клима и затегнатите релации меѓу двете земји од изминативе десетина години, во кои суперсилите отворено влегоа во политички, трговски, сајбер и хибридни препукувања, ќе се констатира дека моменталната ситуација е крајно тензична.
Воените превирања почнаа кога Пентагон ја испрати борбената морнаричка група, предводена од носачот на авиони „Хари С. Труман“, кон Средоземно Море, во чиј состав влегуваат и неколку брода-крстосувачи, кои се вооружени со моќните крстосувачки ракети „томахавк“ за напад на далечни цели. Речиси симултано потоа генералскиот врв во Кремљ заповеда да се мобилизираат неговите трупи во руската база „Тартус“ во Сирија и нареди руската црноморска флота да ја зголеми борбената подготвеност при евентуална воена интервенција.
Во контекст на овие актуелни случувања, „Нова Македонија“ се консултира со видни безбедносни аналитичари за тоа дали можат да се повлечат паралели меѓу актуелните случувања во Сирија и оние од сличната ситуација од 1999 година, со воената интервенција на Западот врз тогашна СР Југославија. Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски верува дека актуелната ситуација на Блискиот Исток ќе заврши само на нивото на нова вербална војна меѓу Вашингтон и Москва и нема да прерасне во некој сериозен воен конфликт.
– Лично се надевам дека САД и Русија ќе најдат заеднички јазик и договор за целата ситуација и нема да дојде до директен судир меѓу овие две големи сили, поради нивните интереси во државите на Блискиот Исток – вели Марковски.
Тој истакнува дека актуелната ситуација на Блискиот Исток во никој случај не може да се спореди со онаа од 1999 година, бидејќи на терен сега е различен соодносот на околностите и на воената моќ со балканските случувања од пред една декада. Марковски истакнува дека оваа Русија не е онаа Русија од времето на Елцин, која назадуваше по распадот на СССР и ја изгуби војната во Чеченија, туку е сосема нова држава, која досега практично на терен со неколку воени интервенции, во 2008-та во Грузија, во 2014-та во Крим и Украина и повеќе години во Сирија, си ги заштити своите интереси. Од друга страна, според него, и САД се одлично ефикасни во своите борбени операции, кои на Блискиот Исток почнаа уште од времето на Првата заливска војна.
– Дополнително двете ситуации (Сирија и СР Југославија) не можат да се споредат ниту по мотивите за, условно кажано, хипотетичкиот воен судир на Москва и Вашингтон. Во балканскиот случај верувам дека стануваше збор за интервенција што беше поврзана со стратегиските интереси за превласт на тој дел од Европа и ништо повеќе, а во Сирија и на Блискиот Исток генерално во игра се и интересите за искористувањата на природните ресурси, односно нафтата и гасот – вели Марковски.
Аналитичарот вели дека по балканската интервенција, блиска на Русија остана само Србија, а на Блискиот Исток, по граѓанските војни и арапската пролет, картите за влијанието во поголемиот дел од земјите повеќе ѝ одат во корист на Москва отколку на Вашингтон. Марковски вели дека, хипотетички, доколку навистина се одигра воено сценарио во Сирија, тешко е да се прогнозира кој би победил, бидејќи доколку избие војна, во тој случај сите ќе бидат губитници.
– Сепак ако се анализираат нијансите на борбеното дејствување, мислам дека во моментов Русија има поповолна борбена предност во Сирија. Тоа го тврдам бидејќи Сирија е лоцирана во близината на руските граници и на нејзина територија веќе има многубројна руска војска, а со тоа многу полесно е да се одбие борбено дејство од САД, бидејќи Кремљ може да се дејствува логистички полесно во поддршка на своите трупи во таа земја, за разлика од Пентагон ако се реши да ги истовари своите војски во оваа земја. Јас лично Русија не би ја ставил во подредена позиција во споредба со САД во ова случување, бидејќи таа, за разлика од 1999 година, напредуваше со својата воена технологија и оваа армија сега користи нови супермодерни ракетни и борбени системи што практично се докажаа во борбите во Украина и Грузија – вели Марковски.
Тој истакнува дека дополнително воената приказна во Сирија не може да се спореди со онаа во Југославија и поради фактот дека на терен на Балканот тогаш Русите беа присутни единствено преку разузнавачки бродови во Јадранот, а руските трупи не учествуваа во одбраната на Југославија за разлика од сегашната нивна поставеност на Блискиот Исток. Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, пак, оценува дека за суперсилите сега е моментот да се биде или не во геополитичката битка за контрола на влијанието и на ресурсите на земјите од Блискиот Исток и Персискиот Залив.
Аналитичарот прогнозира дека тој што ќе ја „добие“ битката за Сирија, тој и ќе може да воспостави свои интереси во релациите и со другите земји од опкружувањето, со акцент на воено моќните Иран и Турција, а сето тоа потоа каскадно ќе се одрази во политичките и економските релации на суперсилата победник со регионот по завршувањето на сирискиот конфликт. Борбено гледано, пак, Стефаноски верува дека доколку дојде до судир на оружјата на две супермоќни и модерни армии, во моментов за нијанса војската на САД го има приматот за предност, но тоа во никој случај не дава гаранции дека може да ги надвладее трупите на Русија.
– Оружјата на американската армија се докажани на терен, нивните трупи се ветерани на Блискиот Исток и тие истовремено се финансиски и логистички соодветно потковани за дејствување во долги временски конфликти – вели аналитичарот. Тој истакнува дека и од другата страна на случувањето е слична ситуацијата, со исклучок на финансискиот фактор, кој придонесува војните да траат долго.
– По сето тоа, може да се заклучи дека Русија не заостанува многу зад САД. Тоа може да се препознае ако се погледнат руските последни борбени операции како оние насочени кон уништувањето на Исламската држава на терен со ракети од бродови на големи далечини и ако се анализираат блицкриг-нападите во Крим и во Грузија. Кога ќе се соберат овие информации на едно место, ќе се види дека Русите го имаат капацитетот да возвратат врз евентуален напад на морнарицата на САД ако таа се реши да гранатира во Сирија – објаснува аналитичарот.
Во делот на споредбата на случувањата во Сирија со оние од воените од СР Југославија кон крајот од 1990-тите години, аналитичарот смета дека двата конфликта се дијаметрално различни. – Путин не е истиот лидер како Елцин, а со тоа и оваа Русија што му се спротивставува на Западот не е истата држава со онаа пред триесетина години. Дополнително, ако на сето се додаде и развојот на руското вооружување, кое сега е супермодерно, за разлика од она во 1999 година, кое беше застарено и неконкурентно на НАТО и САД, тогаш ќе се заклучи дека сегашната слика со онаа од минатото борбено е неспоредлива. Имено, за време на конфликтот на Балканот, тогашната југословенска војска, користејќи ги противвоздушните ракетни комплекси „С-125“ од времето на СССР, конструирани во 1970-тите години, успеа да го собори невидливиот авион „Ф-117“, што во тоа време од Западот беше доживеано како шок.
Сега на терен функционираат многу помодерни руски оружја, како ракетните системи „С 400“, кои, за волја на вистината, не биле практично упатени кон западните армии, но кои по новинските извештаи на оваа тема се супериорни во споредба со американските оружја. За нотирање е и фактот дека изминативе години, додека трае граѓанската војна во Сирија, тамошните власти на чело со претседателот Башар ал Асад, со голема ефикасност неколкупати соборуваа проектили, ракети и беспилотни летала што потекнуваа од САД и од Израел – истакнува Стефаноски. Стефаноски заклучува дека според изнесеното, ако навистина започне воен судир меѓу САД и Русија, е невозможно практично од оваа гледна точка да се предвиди кој ќе победи и колку тој ќе трае, но она што е сигурно е дека овој конфликт може да однесе голем број животи на двете страни.