Автор: Тим Фернхолц

Кварц

Подемот на сателитските мега-констелации

Илон Маск, како дел од програмата „Спејс екс“, планира да ја лансира петтата ракета со сателити со сопствен Интернет во јануари. Со ова ќе се зголеми вкупниот број на 300 сателити во констелацијата „Старлинк“ на компанијата, од планираните 480 за кои директорите во компанијата велат дека треба да почнат да нудат широкопојасен Интернет пристап на корисниците на планетата Земја. Останува да видиме како ова ќе се изведе, дали директно како потрошувачки производ или како партнерство со телекомуникациски фирми на Земјата, но Маск и неговиот тим се уверени дека ако успеат да воспостават ниско-покривна поврзаност, ќе добијат потрошувачи.

„Спејс екс“ не е единствената што се обидува да го оствари овој потфат, а актуелни се фирмите како „Уан веб“, „Телесат“ и „Амазон“, кои исто така инвестираат милијарди долари во мрежи на илјадници сателити што обезбедуваат Интернет. „Епл“ наводно, исто така сака да го оствари сонот за вселенска поврзаност.

Ова не е прв обид да се спроведе масовен сателитски Интернет во вселената. Познато е дека Бил Гејтс неуспешно инвестираше во обидот наречен „Теледисик“ во 1990-тите години. Во меѓувреме побарувачката за пристап до Интернет не е новост, но е од огромно значење за економијата и бара големи инвестиции.

Поголем дел од заработката од вселената е резултат на сателитските услуги, па така овие напори значително ќе ја зајакнат вселенската економија. Зголемениот број на сателити (во моментов во вселената има 2.300 целосно оперативни сателити) значи поголеми трошоци, но и поголеми придобивки додека астрономите се загрижени за лошите сигнали, а други се прашуваат како ќе се одвива целиот тој сообраќај и како ќе тече справувањето со вселенскиот отпад.

Подем на мини-констелациите

Бизнис-ангелите исто така вложуваат милиони долари во малите сателитски компании со големи соништа. „Планет“, „Хокај 360“, „Спајр“, „Капела спејс“, „Блек скај“ и „Сварм“ се само дел од фирмите кои собраа средства, лансираа сателити и имаат големи планови за 2020 година. Нивните бизнис-модели се различни, од следење на радио-сигнали и прибирање на радарски податоци до идејата секое делче од Земјата да биде поврзано со уреди кои користат Интернет.

Како одговор на зголемениот корпус на компании чија главна дејност се малите сателити, забележуваме сè поголем број на фирми кои градат ракети што ќе одговорат на ваквиот предизвик. „Рокет лаб“ досега се покажа најуспешно, но „Вирџин орбит“ ќе почне со работа во 2020, а „Релативити спејс“ ќе го има своето прво лансирање во 2021 година.

Нови можности за комерцијални вселенски летови

Ова беше долга година во која се постигна еден чекор напред, но и еден чекор назад во програмата за комерцијални летови на НАСА според која се работеше на приватни услуги за вселенски превоз со „Боинг“ и со „Спејс екс“. Но двете компании сега се во последната фаза во која беа спроведени нивни летови во орбитата. Идната година можеме да очекуваме да започнат со редовни летови до Меѓународната вселенска станица. Претставници на НАСА очекуваат дека со зголемувањето на обемот на истражување во станицата ќе има голем плус за вселенската економија.

Компаниите исто така ќе добијат зелено светло за комерцијални вселенски летови без разлика дали станува збор за богати туристи или корпоративни истражувачи. Иако не е сигурно, ова ветува нови приходи и нови можности за приватниот сектор во ниската орбита на Земјата.

Сепак можеме да се надеваме и на развивање на вселенскиот туризам. „Вирџин галактик“ на Ричард Бренсон вели дека има доволно средства за да започне со регуларни туристички патувања во вселената во 2020 година, по цена од 250.000 долари. „Блу ориџин“ на Џеф Безос најави дека ќе пушти комерцијални летови со ракетата „Њу шепард“ до крајот на оваа година, но тоа не се оствари па можеби во 2020 година компанијата ќе го оствари својот сон.

Јавни приватни партнерства на НАСА

Најголемите вселенски проекти на НАСА, особено нејзините планови за повторно да испрати човек на месечината, се соочија со тешкотии оваа година со обвиненијата за лошо раководење и проблемите околу доцнењето на опремата и неорганизираната стратегија. Вселенските визионери сметаат дека враќањето на Месечината и пристапот до водниот мраз што беше таму откриен се од суштинско значење за најголемите визии за иднината на вселенската економија, со тоа што илјадници луѓе би живееле и работеле во земјината орбита. Засега не е јасно дали американската влада ќе ги реши конфликтите меѓу нејзините цели за вселенско истражување и нејзината подготвеност да го промени доволно начинот на кој НАСА функционира, за да создаде постојано присуство на Месечината.

Во меѓувреме, НАСА инвестира во помали, но можеби позначајни напори за да ја поттикне вселенската економија. За проектите за Месечината ангажира приватни компании да изградат вселенски летала, модули и планетарни ровери кои ќе носат вселенски инструменти. Вселенската агенција се надева дека, со нејзиното партнерство да испраќа опрема и екипаж до Меѓународната вселенска станица, а ваквата стратегија ќе оствари поголем научен придонес за обичниот граѓанин. Од економска гледна точка, програмата најверојатно ќе ги зајакне приватните компании од овој сектор.

Вселенски сили

Оваа година се одбележа формирањето на Вселенските сили, дел од американската војска посветен на борба во вселената. Мали промени ќе следат во изгледот на униформите и во преименување чиновите на припадниците на американските воздушни сили, но потегот носи реална промена во тоа како американската војска ќе ја третира вселената. Засега вселената се користи само како помошен простор за другите сфери на покажување прекуокеанска моќ, извидување, комуникации, насоки и навигација.

Во суштина Вселенските сили имаат цел да се формира бирократска и политичка група на луѓе со заеднички големи интереси за вселената и да се инвестира во нови вселенски сензори за следење на непријателски ракети, вселенски летала кои можат сами да се одбранат (и да нападнат други), па дури и да се изградат и воени населби. Сето ова значи повеќе пари за приватните компании што работат во оваа сфера, а повеќе одбранбени агенции веќе вложија милиони долари во стартапи кои произведуваат сè од радарски мрежи до високотехнолошки материјали.

Превод: Билјана Здравковска