Во јануари 2018 година, човекот задолжен за организација на патувањата на водечките луѓе на автомобилската компанија „Нисан“, пријавил проблем во врска со авиобилетите за прва класа и неверојатно барање за финансирање, пишува „Фајненшл тајмс“. Карлос Гон тогаш не бил свесен, но прашањето го поттикнало првиот домино-ефект врз неговата блескава бизнис-кариера.
Десет месеци по отворањето на прашањето за авиобилетите, поранешниот извршен претседател на „Нисан“ беше уапсен на аеродромот „Ханеда“ во Токио, по што ги загуби бизнис-титулите во најголемата автомобилска алијанса на светот. Гон подоцна беше обвинет за финансиски малверзации пред да избега од Токио во Бејрут.
Најголемите неразјаснети прашања во следните две години се однесуваа на тајните истраги и укажувачите кои доведоа до падот на Гон. Пет месеци по отпочнување на судењето на поранешниот заменик на Гон, Грег Кели, одговорите почнаа да излегуваат на виделина.
Американскиот адвокат кој тврди дека е невин, е обвинет за вклученост во наводна измама за криењето на вистинската плата на Гон. Во изминатите две недели, најзвучните откритија дојдоа од Хари Нада, поранешниот шеф на правниот тим на „Нисан“, чија соработка со обвинителството доведе до апсењето на Кели и на неговиот поранешен шеф. Нада пружи увид во функционирањето на внатрешните кругови на Нисан и на империјата на Гон.
Според Нада, Гон открил дека дека авиобилетите кои ги резервирал преку „Нисан“ можеле да се купат поевтино преку Интернет. Тој барал да му биде враќана разликата во цените на билетите, и покрај тоа што бил еден од најплатените директори во Јапонија. Ваквото барање било тајно истражувано од ревизорот на „Нисан“, Хидетоши Имазу и што предизвикало загриженост за однесувањето на Гон. Имазу подоцна ги пријавил неговите сознанија на обвинителството во Токио, пред да ги претстави на Гон и на бордот на директори на „Нисан“.
Нада сведочел и дека Гон во пресрет на неговото пензионирање создал механизми кои би му овозможиле финансиска добивка. Гон на судењето бил претставен како „диктатор“ кој им наредувал на подредените да најдат начини за тој да добие компензација од речиси 90 милиони долари кога ќе се пензионира од претседателската функција во „Нисан“.
Судењето на Кели е предвидено да трае барем до јули. Гон ги негира обвинувањата додека е во Бејрут, со што ја префрла вината врз останатите водечки луѓе во „Нисан“ и врз јапонското обвинителство.