Налогот за апсење на двајцата осомничени, по потекло од Ирак и од Сирија, беше објавен на веб-сајтови на екстремната десница, вклучувајќи ги и организаторите на неодамнешните насилни протести. Нападот се случи во источногерманскиот град Кемниц, а во инцидентот фатално беше ранет 35-годишен Германец, со кубанско потекло
Германското обвинителство почна истрага за нелегалното објавување на налогот за апсење, издаден за лицата осомничени за убиството со нож во текот на викендот. Налогот за апсење на двајцата осомничени, по потекло од Ирак и од Сирија, беше објавен на веб-сајтови на екстремната десница, вклучувајќи ги и организаторите на неодамнешните насилни протести. Нападот се случи во источногерманскиот град Кемниц, а во инцидентот фатално беше ранет 35-годишен Германец со кубанско потекло.
Објавувањето на документот е најнов случај што го привлече вниманието на јавноста во Кемниц. Регионалната полиција е цел на критики по протестите, при што во фокусот е потценувањето на размерот на демонстрациите, а критики има и за социјалните медиуми, поради нивната улога во разгорувањето на насилството и објавувањето дезинформации од страна на десничарските групи, наведува „Дојче веле“.
– Претпоставуваме дека копијата што беше објавена на Интернет е од оригиналниот документ – соопшти германското обвинителство.
Сепак, од обвинителството одбиле да посочат чиј налог за апсење беше објавен на социјалните медиуми. Еден од осомничените е роден во Ирак, другиот во Сирија. И двајцата се наоѓаат во полициски притвор, а организаторите на насилните протести го искористија странското потекло на напаѓачите при повикот за антиимигрантските протести во Кемниц. АФП пренесува дека документот бил објавен на повеќе страници, а во него се наведени жртвата и судијата што го води случајот, како и личните податоци на осомничените напаѓачи.
Налогот за апсење, според АФП, бил објавен и на интернет-страницата на Луц Бахман, истакнат член на десничарското и антиимигрантско движење ПЕГИДА, кое е основано во Дрезден во 2014 година. Германските медиуми јавуваат дека документот се појавил и на страницата на десничарската група Про кемниц, која ги организираше насилните демонстрации по нападот врз 35-годишниот маж.
Според судот што го издаде налогот, документот бил достапен за обвинителството, полицијата, казнените институции и лицата надлежни за транспорт на осомничените. Објавувањето на налогот за апсење претставува престап, поради разоткривањето доверливи информации. Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зеховер порача дека објавувањето на документот е апсолутно неприфатливо. Од друга страна, десничарските групи повикаа на одржување нови демонстрации, и тоа во периодот кога премиерот на сојузната држава Саксонија ќе има средба со локалните жители во Кемниц.