Кинескиот претседател Си Џинпинг ја посети воената база во јужната провинција Гуангдонг и ги повика тамошните трупи да ја вложат целата своја енергија во подготовки за војна.
Кинеската државна новинска агенција Синхуа наведува дека кинескиот претседател им рекол на војниците да бидат во состојба на готовност и ги повикал да бидат апсолутно лојални, чисти и сигурни, пренесува „Си-ен-ен“.
Воената посета следуваше додека тензиите меѓу Кина и САД, кои, како што пишува „Си-ен-ен“, остануваат на највисоката точка во последните неколку децении, а несогласувањата околу Тајван и пандемијата на коронавирус создаваат остри поделби меѓу Вашингтон и Пекинг.
Белата куќа претходно објави дека има намера да продаде три контингенти оружје на Тајван, но засега се чека одобрување од американскиот конгрес.
Во остар одговор од Пекинг, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Џао Лиџијан го повика Вашингтон веднаш да ги откаже сите планови за продажба на оружје на Тајван и да ги прекине сите американско-тајвански воени врски.
Иако Тајван никогаш не бил под контрола на владејачката Комунистичка партија во Кина, властите во Пекинг инсистираат на тоа дека демократскиот, самоуправен остров е составен дел од нивната територија, а самиот Кси Џинпинг одби да ја исклучи воената сила за да го заземе ако е потребно.