Американската телевизија Си Ен Ен денеска објави пораки, кои преку социјалната мрежа „Вацап“ убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги ги разменувал со активистот од Монтреал, Омар Абдулазиз, а во кои, како што се наведува, за саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман истакнал дека е „ѕвер“ кој ќе „изеде сè што му е на патот, дури и оние кои го поддржуваат“.
Од повеќето од 400 пораки, кои вклучуваат видео снимки, аудио записи и фотографии, се заклучува дека Кашоги бил многу вознемирен поради дрскоста на саудискиот принц, наведува Си Ен Ен.
– Тој е како ѕверот „пакмена“, колку повеќе жртви изеде, толку сака уште повеќе – напишал Кашоги во една од пораките, кои Абдулазиз, кој исто така е саудиски државјанин во егзил, и ги доставил на телевизијата.
Кашоги додава дека не би бил изненаден доколку малтретирањето ги стигне и неговите приврзаници.
Во преписката, која траела од октомври 2017 до август 2018 година, може да се забележи и напредок „од зборови на дела“, односно дека Кашоги и Абдулазиз планирале преку интернет да го активираат младинското движење, кое ќе побара одговорност од саудиските власти.
Меѓутоа, кога во август се посомневал дека нивната преписка ја следат саудиските власти, Кашоги почувствувал дека нешто лошо ќе се случи.
– Бог нека ни е на помош – напиша тој тогаш, а два месеца подоцна, на 2 октомври беше убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.