Ситуацијата со децата заглавени во пештерата на Тајланд е влошена откако за време на операција за спасување, спасувачите волонтери ненамерно впумпале дополнителна количина вода наместо да ја испумпаат.
Командирот на акцијата за спасување Наронгсак Останакорн рече дека волонтерите, дејствувајќи самостојно, впумпале вода во дел од пештерата кој е поплавен и кој моментално се празни со цел децата, заедно со својот тренер, да можат безбедно да преминат.
– Можеби веруваат дека нивните техники се ефектни за вадење подземна вода, но се што не е планирано прво мора да го проверат со нас. Се тркаме против вода која се слева во пештерата, иако ги затворивме каналите по кои тече – рече командирот.
На волонтерите им е укажано на грешката што ја направиле, а претставник на Министерството за внатрешни работи на Тајланд, Пунсак Вунгсатнгием, за „Гардијан“ изјави дека нивото на водата во изминатите неколку дена е намалено за 40 отсто, со што речиси е расчистена делницата од 1.600 метри која децата ќе мора да ја поминат.
Тие во моментов се наоѓаат на околу четири километри од влезот на пештерата.
Децата и нивниот тренер беа пронајдени живи во пештера на Тајланд, девет дена откако исчезнаа во неа по поплава, исцрпени се и имаат помали повреди, а преживеале со пиење вода која капе од сталактитите.
Спасувачките тимови на Тајланд во понеделникот ги пронајдоа 12-те деца, на вораст од 11 до 16 години, и нивниот 25-годишен фудбалски тренер, кои на 23 јуни влегле во пештерата Там Луанг.