Претседателот на Египет, Абдел Фатах ел – Сиси денеска е избран за претседавач со Африканската унија (АУ) на самитот на оваа континентална организација во Адис Абеба.
Во обраќањето пред учесниците на Самитот во главниот град на Етиопија, Сиси истакна дека во центарот на неговата работа на таа должност ќе биде безбедноста на африканскиот континент.
– Нашата работа мора и натаму да биде насочена на унапредување на сеопфатниот и одржлив мир и на безбедноста во Африка. Посредувањето и превентивната дипломатија ќе останат приоритет на Африканската унија – рече Сиси.
Тој истакна и дека борбата против тероризмот бара идентификување на тие кои го поддржуваат и финансираат, како и заеднички ангажман.
– Свесни сме за тешкотиите и сложеноста на таа борба и затоа ова е единствен начин да го победиме тероризмот и да го искорениме – рече египетскиот претседател.
Сиси на местото претседавач со АУ го замени претседателот на Руанда, Пол Кагаме. Мандатот е една година.