Човек од Сирија кој помина седум месеци „заглавен“ на малезиски аеродром пристигна во Канада овој месец. Хасан Ал Контар бил заглавен на меѓународниот аеродром „Куала Лумпур“ во март откако неговата малезиска виза истекла и му било забрането да патува во друга земја, објави Њујорк Пост.
Триесет и седумгодишниот Контар ја напуштил Сирија пред избувнувањето на цивилната војна во 2011 година, но не можел да се врати во својот дом поради неговиот истечен пасош и неотслужениот воен рок. Хасан го снимил своето тешко искушение и со тоа го привлекол вниманието на луѓе од Канада кои се понудиле да му помогнат. По долги месеци во исчекување, тој добил статус на азилант во Канада и конечно го напуштил малезискиот аеродром.
– Во вистинскиот живот постојат мигови кои се поубави од сонување. За мене, чекорењето по улица додека врне и свежиот воздух беа нешто волшебно. Тоа се звуците и мирисот на слободата – изјавил Контар откако пристигнал во Британска Колумбија.