Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, ги покажува сите симптоми поврзани со продолжена изложеност на психолошко измачување и не треба да биде екстрадиран во САД, констатирал висок експерт на ОН кој го посетил Асанж во затвор, пренесува „Гардијан“.
Се очекува Најлс Мелцер, специјалниот пријавувач на случаи на тортура на ОН, денес да поднесе жалба до владата на Велика Британија. Оваа одлука е донесена откако адвокатите на Асанж, синоќа, преку видео порака кажале дека тој е премногу болен за да се појави на неговото судско сослушување.
Асанж беше префрлен во здравственото одделение на затворот „Белмарш“ во Лондон, каде што отслужува 50-неделна казна затвор поради прекршување на условите за слобода со кауција.
Откако го сретнал Асанж на почетокот на месецов, во придружба на мединциски експерти кои го прегледале, Мелцер денеска изјавил дека стравува дека неговите човекови права можат да бидат сериозно прекршени, доколку тој биде екстрадиран во САД. Исто така, ги осудува оние кои, како што опиша тој, намерно го малтретирале Асанж со години.
– Не беа забележани никакви физички повреди. Застрашувачка беше психолошката страна и постојаната анксиозност. Забележавме дека тој има чувство дека е под постојана закана од сите. Тој разбра која е мојата функција, но повеќе беше окупиран со неговите сопствени мисли. Беше тешко да се води стабилен разговор со него – изјави Мелцер.
Тој додаде и дека иако „Белмарш“ има високо-безбедносно крило, Асанж не е сместен во тој дел.