Товарниот брод „Евер Гивен“, кој дијагонално заринка и го блокираше Суецкиот Канал од минатиот вторник, вчера беше ослободен. Екипите за спасување, кои работеа на ослободување на товарниот брод шест дена и ноќи, беа помогнати од сили помоќни од која било машина: Месечината, плимата и осеката. Полната месечина во неделата овозможи 24-часовен период за непрекината работа, пренесуваат светските медиуми.
Во спасувањето беа вклучени 14 влечни бродови, чија задача била спроведување на маневри за влечење во три насоки за да се помести „Евер Гивен“. Претходно, багери за време на викендот работеле на откопувањето, при што биле ископани 27.000 метрички тони песок на длабочина од 18 метри. Плимата и осеката исто така помогнале за поместување на товарниот брод.
Веднаш по поместувањето, метежот од бродови кои чекале речиси една недела да поминат низ Суецкиот Канал, почнал да се расчистува.
– Го извлековме – изјавил Питер Бердовски, извршен директор на „Ројал Боскалис Вестминстер“, холандската компанија за спасување на море, ангажирана од страна на сопственикот на „Евер Гивен“. Според бродската публикација „Трговски ветрови“, компанијата го испратила тимот за помош на бродот уште во средата.
Ослободувањето на „Евер Гивен“ е пресвртница во една од најголемите и најинтензивни операции за спасување во модерната историја.
– Возбуден сум што можам да објавам дека нашиот тим од експерти, кој работеше со Службата на Суецкиот Канал, успешно го преместија „Евер Гивен“, со што Суецкиот канал повторно е во фунцкија – рече Бердовски во подоцнежно соопштение.
Тимот од машински оператори, инженери, капетани на влечни бродови и други оператори за спасување знаеја дека се во трка со времето, бидејќи секој ден од блокадата ги ставаше глобалните синџири на снабдување поблиску до потенцијална криза.
Помогнат од влечните бродови, „Евер Гивен“ бил упатен северно до Големото горчливо езеро, односно најширокиот дел на каналот, каде што бил дополнително прегледан. Екипа од нуркачи извршиле увид на трупот во текот на целата операција, но не била утврдена никаква штета.
Сè уште не е јасно како „Евер Гивен“ се заглави во Суецкиот Канал. Првичните извештаи наведуваат дека товарниот брод ја изгубил контролата поради силен ветер и песочни бури.