Околу седум милиони луѓе умираат секоја година поради изложеност на загаден воздух, објави Светската здравствена организација (СЗО).
Нови податоци покажаа дека девет од 10 луѓе дишат високозагаден воздух.
Тие бројки се на исто ниво со бројот на смртни случаи регистрирани во претходната студија, објавена пред две години. Нивото на загадување на воздухот останува опасно високо во многу делови од светот, според студијата на СЗО.
Над 90 отсто од смртните случаи поврзани со загадувањето на воздухот се јавуваат во земјите со низок и среден приход, главно во Азија и во Африка, по што следуваат земјите со ниски и средни приходи од регионот на Источен Медитеран, Европа и Америка, се вели во извештајот на СЗО.
Но загадувањето на воздухот во градовите не е единствена опасност за јавното здравје. Околу три милијарди луѓе дишат смртоносни гасови од домашни уреди и огнови, а загадениот воздух во домаќинствата предизвикал околу 3,8 милиони жртви во 2016 година, наведува СЗО.