Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека новиот коронавирус можеби никогаш нема да си замине. Директорот за итни случаи на СЗО, д-р Мајк Рајан, порача да не се прават предвидувања кога вирусот ќе исчезне. Тој нагласи дека дури и да се најде вакцина против ковид-19, контролирањето на вирусот ќе бара огромни напори, пренесе Би-би-си.
– Овој вирус може да стане само уште еден ендемичен вирус во нашите заедници. Тој може никогаш да не исчезне. ХИВ не исчезна, но се помиривме со вирусот – изјави Рајан, нагласувајќи дека не верува дека некој може да предвиди кога оваа болест ќе исчезне.
Според него, во моментот има над 100 потенцијални вакцини, но има и други болести, како сипаници, кои не се елиминирани и иако има вакцини за нив.
Бројот на жртвите од коронавирусот во светот е околу 300.000, додека бројот на заразени е над 4,3 милиони. Во меѓувреме, ОН предупредија дека пандемијата и карантинските мерки лошо влијаат врз менталното здравје на луѓето и ги повика владите да го вклучат и менталното здравје во нивниот сеопфатен одговор против ковид-19. Повеќе земји почнаа да ги ублажуваат карантинските мерки, но од СЗО предупредија дека при ублажувањето на карантинските мерки треба да се внимава да не се предизвика втор бран инфекции.