Светската здравствена организација (СЗО) побара пристап до градот Дума во Сирија за да ги провери извештаите дека повеќе од 500 лица се повредени како последица од хемиски напад.
Сириската Влада негира одговорност и употреба на боеви отрови. САД се заканија со моќен одговор на нападот, но Русија соопшти дека тоа е само изговор за напад на нивните сојузници.
СЗО пренесе информација дека 70 лица се убиени. Оттаму наведуваат дека нивните партнерски организации известуваат за 500 случаи со симптоми на труење со хемиско оружје.
– Две здравствени установи, исто така, информираат дека биле погодени во нападот, наведува СЗО.
Д-р Петер Салама од СЗО истакна дека „сите треба да бидат огорчени поради ужасните информации и фотографии од Дума“.
– СЗО бара итен и неограничен пристап во подрачјето за да може да им помогне на оние кои се погодени, да ги процени последиците и воспостави систематски одговор на овој здравствен предизвик – вели тој.
Францускиот претставник во Советот за безбедност изјави дека отровот бил употребен наменски за да може да продре во подрумите и засолништата каде што се наоѓаат цивили.