Поранешниот американски претседател Доналд Трамп би можел да се соочи со проблеми, бидејќи државните обвинители размислуваат да покренат криминални обвиненија против неговиот семеен бизнис, пренесуваат светските медиуми.
Обвинителството во Њујорк би можело да отвори обвинение против „Организацијата Трамп“ поврзано со данокот на луксузните повластици за водечките луѓе на компанијата, вклучувајќи го користењето на апартмани, автомобили и плаќањето на школарина.
Не се очекува Трамп да биде директно обвинет, но судскиот случај би можел да доведе до банкрот на неговата компанија преку загрозување на нејзините врски со банките и бизнис-парнерите. А правните проблеми би можеле да го загрозат и политичкиот камбек на Трамп.
Правниот застапник на „Организацијата Трамп“, Рон Фишети одржа онлајн-состанок со обвинителите во четвртокот, со цел да ги разубеди од покренување на криминални обвиненија против компанијата.
– Обвинувањата се апсолутно скандалозни и незабележани, ако воопшто бидат покренати обвиненија. Ова е само за да му се врати на Трамп. Ќе се изјасниме за невини и ќе поднесеме предлог за отфрлање на обвининијата – кажа Фишети.
Истрагата која ја води обвинителот од Менхетн Сајрус Венс, почна откако поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, во пресрет на претседателските избори во 2016 година, изврши парична исплата на две жени кои тврдеа дека имале сексуални односи со Трамп. Истрагата сега е насочена кон Ален Вајселберг, долгогодишниот финансиски директор на „Организацијата Трамп“ и погодностите кои ги уживало неговото семејство.
Венс ги истражува даночните податоци на Доналд Трамп, соработувајќи со обвинителството од Њујорк во истрагата за бизнисите на поранешниот американски претседател. Трамп во повеќе наврати ги отфрли сите обвинувања. По поразот на претседателските избори одржани минатата година, Трамп и неговото семејство сега не можат да сметаат на правната заштита што ја уживаа за време на престојот во Белата куќа.